На прашањето кога ќе може наставниците да очекуваат повисоки плати, како што се најавуваше во предизборната кампања, новата министерка за образование Весна Јаневска во емисијата „Стадион“ на Канал 77 одговори дека тоа ќе се случи кога ќе има реална основа за покачување. Јаневска сподели податок дека Министерството за образование (МОН) е во долг од 5 милијарди денари и дополни за тешкотијата да се направи ребалансот на Буџетот.
„Наставниците ќе добијат плати по Колективен договор тогаш кога ќе се остварат услови за тоа. Во меѓувреме, како и до сега, со спогодба ќе им се покачува платата. Нема да направиме штета на државата ниту јас ниту наставниците, како што беше направено, изјави Јаневска.
Министерката потсети дека во изминатиот период беа потпишани неколку колективни договори, кои бараат, како што рече „огромни средства, но средства не се обезбедени од претходната власт“.
„Како пример, се платите за универзитетските професори. Претходната власт обезбеди средства само до јуни. Да, тоа е во мој ресор и ќе добијат плата, но не е фер што владата потпишала договор на необезбедена плата, кажа Јаневска.
Таа појасни дека универзитетите ќе ги добијат своите зголемени плати со Колективниот договор и со ребалансот се обезбедени пари до крајот на годината.