Италијанската вечер во рамките на годинашното 64. издание на Фестивалот „Охридско лето“ на сцената ги носи уметниците од барокниот Ансамбл „Маре Нострум“.
На вечерашниот концерт вљубениците во овој вид на музика ќе можат да уживаат во изведбата на ораториумот „САНТА ПЕЛАГИЈА“ за четири гласа на Алесандро Страдела, во изведба на сопранот Џуија Болкато, контратенорот Данило Пасторе, баритонот Масаши Томосуги и тенорот Анџело Тестори, во придружба на уметниците Маргерита Буратини на харфа, Џулио фалцоне на теорбо, Томас Чигиони на виолончело, Серена Сегетини на виола де гамба, Амлето Матеучи на контрабас и Лучија Аделаиде ди Никола на клавичембало и оргула.
Ансамблот основан во Рим од страна на диригентот и уметнички раководител Андреа де Карло, важи за еден од најоригиналните и изненадувачки барокни ансамбли посветени на изведбата на „старата“ музика, со особен афинитет кон музиката од италијанските композитори, особено на оперите на Алесандро Страдела.
За вечерашниот концерт е резервирана прекрасната акустика на катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот.