За два часа со воз од Белград до Скопје – најавија македонските медиуми, пренесувајќи изјава на српскиот министер за транспорт. Ако македонските граѓани се понадеваа на брз транспорт во Белград, ќе ги разочараме дека ова е вест од иднината, бидејќи пругата по која би се движел возот не е ни почната од македонска страна, а веќе три години не ни има воз до Белград. Скапите часовници новиот македонски премиер ги имал уште во времето кога бил директор на ЕСМ, но тогаш ги немал пријавено. Од кога навистина ги има? Во Топ дезинформации на неделата еднострано пренесената информација за бебето со модринки, случај кој доведе до раб на меѓуетничка нетрпеливост. Нова измама преку СМС пораки за престигната пратка ги собира банкарските податоци, додека од светските дезинформации кои обиколија повеќе земји за посетата на Орбан на Русија, за која Путин рече дека дошол „ и како претседавач со Советот на ЕУ“. Унијата не само што негираше, туку некои од челниците одбиваат да се сретнат со Орбан, а Европскиот парламент донесе резолуција со која се огради од посетата.
Повеќе за ова донесува „Топ дезинформации на неделата“.
Од Скопје до Белград за два часа со воз, но прво да се изгради брзата пруга
Брзиот воз од Белград за Скопје, информираа македонските медиуми, би патувал два часа со кинеска локомотива, која неодамна ја промовираше српскиот министер за градежништво Горан Весиќ. Изјавата беше пренесена од повеќе македонски медиуми, без да се даде позадинска информација и да се каже дека пругата која се гради од српска страна се очекува да биде готова во 2029 година, додека од македонска страна нема ни најава. Овие медиуми со кликбејт наслови пренесоа се’ уште неостварено ветување, односно недоследност во ветувањето во реализирање на најавениот проект.
Во февруари годинава Србија потпиша договор за првата транша од инвестицискиот грант за изградба на брзата пруга Белград – Ниш од 598 милиони евра, како дел од финансискиот пакет на српската влада со Европската инвестициска банка (ЕИБ) за железничкиот Коридор 10.
Во ноември лани, Србија и Македонија, потпишаа Меморандум за соработка, за воспоставување на железничка мрежа со високи перформанси како дел од железничкиот Коридор 10.
Најавено е формирање на работна група која ќе треба да го дефинира акциониот план со активности и динамика на реализација на овој проект.
„На македонска територија во првата фаза треба да бидат изградени 50 километри, а интенцијата е Коридорот 10 да биде целосно изграден до Солун и Атина. Комерцијалната брзина на пругата ќе биде најмалку 160 километри на час, но се разговара за зголемување на оваа брзина“, пишува во информацијата.
Во Србија почнаа градежните работи на брзата пруга од Белград кон Ниш, додека кај нас се’ уште не се почнати активностите. Српскиот министер Весиќ најави дека очекува средба со новиот македонски колега, министер за транспорт Александар Николоски.
– Што се однесува до пругата Ниш-Скопје, ние во моментов работиме на пругата Белград- Ниш, долга 230 километри, а работиме и на делот од 23 километри од пругата Ниш-Брестовац кон Скопје. До крајот на годината го завршуваме и проектот кој е финансиран од ЕУ за делот од нашата пруга од Брестовац до Прешево. Согласно договорот што го потпишавме со Владата на Северна Македонија, го очекуваме тоа што го предложи, да го проектира и својот дел од Прешево до Скопје, изјави Весовиќ.
Факт е дека од почеток на пандемијата престана да сообраќа и единствениот меѓународен воз меѓу Македонија и Србија. Македонија веќе подолго време нема ниту една меѓународна возна линија за патнички сообраќа, вклучително и традиционалната релација Скопје – Солун, како што потврдува и возниот ред на Македонски железници.
Случајот со тримесечното бебе
„Мајката не го зборува македонскиот јазик, медицинската сестра се одмаздува кај бебето“, е насловот на видеоинтервјуто на македонски портал, кој внесе лавина реакции во јавноста и предизвика политички реакции, кои се закануваа да ги разнишаат меѓуетничките односи. Се работи за случај на тримесечно бебе, кое се лекува во Детската клиника во Скопје. Првата новинарска информација беше дека бебето било намерно повредено од персоналот на клиниката, а родителите изјавиле дека сестрите биле нервозни бидејќи мајката и бабата на бебето не знаеле да комуницираат на македонски јазик. Порталот еднострано пренесе само изјава од член на семејството.
Министерот за здравство Арбен Таравари отиде во посета на семејството и најави одговорност од медицинската сестра, доколку се утврди дека намерно го повредила. Случајот се политизира со реакција од опозициската партија ДУИ, се’ додека новиот директор на Детската клиника Реџеп Мемеди, не демантираше на прес конференција, каде рече дека модринките на бебето биле од земање на крв.
– Немало апсолутно никаква намера на медицинската сестра за нанесување повреда, туку тие хематоми, односно модринки на десната рака настанале во текот на процедурата земање венска крв за анализи на ден 11 јули, која е реализирана од страна на две медицински сестри, при што едната сестра ја фиксира раката на детето, надлактица и подлактица, а другата сестра боцка во вена. Како последица на механичкиот притисок настанале хематомите на десната надлактица и подлактица, рече Мемеди.
Со еднострано пренесена информација преку емотивно сведочење на член на семејството без да се праша другата страна, јавноста беше дезинформирана и случајот зазеде други текови, како доказ дека дезинформациите може да доведат до поделби и тензии во општеството по различни основи.
Од кога Мицкоски ги има скапите часовници?
Ова дилема ја постави краткото истражување на Призма, кое се занимава со пријавата на имот на премиерот Христијан Мицкоски до Државната комисија за борба против корупцијата (ДКСК), каде откако неодамна откако ја презеде функцијата, пријавил рачни часовници во вредност од 52.000 евра.
„Во најновиот имотен лист пишува дека се стекнал со часовниците во март 2015 и во јуни 2016, што го наметнува прашањето зошто не ги пријавил во септември 2016 година, кога станал директор на државната компанија за производство на електрична енергија ЕЛЕМ или во август следната година кога ја напуштил функцијата. А, имал обврска да го стори тоа“, пишува Призма.
Од кабинетот на Мицкоски не одговориле на новинарските прашања.
Објавата за поседувањето на скапите часовници, беше предмет на полемика во јавноста и препирки меѓу корисниците на социјалните медиуми. Некои од нив за лажна вест ја прогласија информацијата дека само еден часовник на Мицкоски чини 46.000 евра. Објавените информации се базираа на имотниот лист на премиерот што лично до доставил до ДКСК, односно за факт кој самиот го навел.
Нова СМС измама на интернет
СМС порака со која број на странски оператор им јавува на македонските граѓани дека имаат пратка која не може да се испорача бидејќи го нема куќниот број. Во пораката се бара да се ажурираат податоците, вклучително и банкарските податоци. Оваа мамка особено за повозрасните лица, предизвикува празнење на банкарската сметка од незнаење и невнимание. Ова е уште една измама од серијата позната како фишинг, со цел да се соберат личните и банкарските податоци од граѓаните.
Експертите потсетуваат: Последиците се вашите личните податоци да ви завршат на дарк веб и да се препродаваат на црниот пазар; измамници да ви влезат во вашиот компјутер и да ви откријат деловни податоци и лозинки; измамници да ве прелажат за да ви наплатат пари; измамници да ви ја испразнат кредитната картичка и банкарските податоци да завршат на црн пазар.
Секторот за компјутерски криминал од МВР апелираше до граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи.
Во меѓувреме, Европол и Интерпол заедно со македонската полиција бараат измамници со лажни вести за тргување со криптовалути, соопшти Министерството за внатрешни работи во Скопје. Некои траги од лажни сајтови водат до адреси во Британија, САД и Сингапур и бараат внесување на лични податоци за тргување со криптовалути. Политичарите и новинарите кои биле злоупотребени во измамата веќе поднеле жалби.
Орбан кај Путин не беше во својство на претседавач со ЕУ
Од светот: Орбан не отпатува за Русија во име на Европската унија, како што објави рускиот претседател Путин, туку од оваа самоиницијативна посета Унијата се огради, а во средата (17.07) и Европскиот парламент усвои резолуција , која ја оцени како посета што не ја претставува ЕУ и е очигледно кршење на договорите и заедничката надворешна политика на ЕУ.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан само што неговата земја го презеде претседателството со Советот на ЕУ, замина во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин на 5 јули.
Путин го поздрави Орбан со зборовите дека „разбира“ оти Орбан дошол „не само како наш долгогодишен партнер, туку и како претседавач со Советот на ЕУ“.
Унијата демантираше, додека највисоките претставници на ЕУ најавија дека ќе ги бојкотираат состаноците на Унгарија по оваа посета. Портпаролот на претседателот на Европската комисија, фон дер Лајен, во понеделникот рече дека „со оглед на неодамнешните случувања“ комесари на ЕУ нема да присуствуваат на состаноците организирани во Унгарија како дел од претседателството.
Виктор Орбан во „еклатантно кршење на договорите на ЕУ и заедничката надворешна политика“ е насловот на веста од усвоената резолуција на Европскиот Параламент, наведувајќи дека Унгарија треба да се соочи со реперкусии за овие постапки. Имајќи предвид дека таканаречената „мировна мисија“ на унгарскиот премиер беше веднаш проследена со напад на детската болница, во резолуцијата исто така се вели дека ова ја покажува „неважноста“ на наводните мировни напори на Орбан. Посетата на премиерот Виктор Орбан на Москва се одвива исклучиво во рамките на билатералните односи меѓу Унгарија и Русија, се огласи и ЕУ.
„Премиерот Орбан не доби никаков мандат од Советот на ЕУ да ја посети Москва. Позицијата на ЕУ за руската агресивна војна против Украина се рефлектира во многу заклучоци на Европскиот совет. Таа позиција ги исклучува официјалните контакти меѓу ЕУ и претседателот Путин. Унгарскиот премиер на тој начин не ја претставува ЕУ во ниеден облик. Покрај тоа, вреди да се потсетиме дека претседателот Путин е обвинет од Меѓународниот кривичен суд и издаден налог за апсење за неговата улога во врска со присилната депортација на деца од Украина во Русија“, пишува во официјалната изјава на ЕУ.
Според тоа, неточно е тврдењето дека унгарскиот премиер Виктор Орбан беше во посета на Русија како претседавач со ЕУ, односно претставник на Унијата.