Глобалниот пад на компјутерскиот систем предизвика хаос по аеродромите, што се одразува и на заминувањата и пристигнувањата на скопскиот аеродром. Има одлагања на летовите што засега временски се движат од 25 минути до близу два часа.
Попладнето се поместени летовите за Измир, Турција со 50 минути одлагање на полетувањето, Ајндховен, Холандија еден час и 25 минути, а летот за Белград во 15 часот и 5 минути е одложен за 25 минути.
Доцнат летовите од Дортмунд, Франкфурт, Осло и Белград. Се најавува доцнење на летовите од Базел и Варшава.
Во вакви услови, некои од компаниите ги повикаа патниците порано да пристигнат на аеродромите. Wizz Air објави соопштение во кое ги повикува своите клиенти да стигнат до аеродромот три часа пред да полетаат нивните закажани летови поради прекин на ИТ системот на некои локации низ светот.
Дојде и до прекин на онлајн услугите – веб-локација и мобилна апликација на Wizz Air; Систем за резервации; Систем за онлајн пријавување и прикажување на карта за патување; Контакт центри – нови резервации и промени на постоечките.
„За време на прекинот, достапно е бесплатно пријавување на аеродромот. Затоа, ги советуваме патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 3 часа пред закажаното време на поаѓање за да овозможат доволно време за пријавување, безбедносна контрола и здравствена состојба специфично на аеродромот и безбедносни процедури“, соопштија од авиокомпанијата.
Ер Србија исто така соопшти дека се очекуваат одредени отстапувања од планираниот распоред на летови.
„Во моментов, од дестинациите во мрежата на Ер Србија, сообраќајот е особено отежнат на одредени аеродроми во Шпанија, како и во Берлин, Амстердам и Цирих. Како последица на тоа, може да има доцнења на фази и дополнително негативно влијание врз нормалниот проток. На пример, аеродромот во Цирих е затворен денес до 20:00 часот по локално време, се наведува во официјалното соопштение на „Ер Србија“.
Аеродромите ширум светот пријавија проблеми со ИТ системите што значи доцнење при пријавувањето. Во Шпанија сите аеродроми имаат проблем, а во Берлин луѓето имаат проблем да се пријават.
Компанијата Рајанер предупреди на „потенцијални прекини низ мрежата“ поради глобален прекин на системот на трета страна. На веб-страницата на авиокомпанијата, таа објави: „Потенцијални прекини низ мрежата (петок 19 јули) поради глобален прекин на системот од трета страна.
„Засегнатите патници ќе бидат известени и сите патници кои патуваат низ мрежата на петок, 19 јули треба да ја проверат својата апликација Ryanair за најновите ажурирања на нивниот лет. Ги советуваме патниците да пристигнат на аеродромот 3 часа пред нивниот лет за да избегнат какви било прекини. Жалиме за какви било непријатности предизвикани на патниците од овој проблем со ИТ од трета страна, кој е надвор од контрола на Ryanair и влијае на сите авиокомпании кои работат низ мрежата“, соопшти компанијата.
Проблемите со летовите настанаа со грешка во системот на Мајкрософт, односно лоша надградба и не се работи за сајбер напад.