Кризниот штаб на општината Штип доцна вечерва излезе со препорака до граѓаните да не излегуваат на отворено подолго време и да користат заштитни маски. Оваа препорака доаѓа поради чадот што се прошири во градот како последица на огнената стихија која речиси цела недела беснее на планината Серта.
По завршувањето на седницата на Кризниот штаб градоначалникот Иван Јорданов на прес конференција информираше за заклучоците поврзани и со утрешните активности.
„Територијалната противпожарна единица да ги извести останатите противпожарни единици и да побара логистичка поддршка за утрешниот ден. Армијата на Република Македонија да се исконтактира и да даде на располагање опрема и човечки ресурси со која ќе се делува во текот на утрешниот ден. ЦУК да сподели информација за потенцијалните жаришта кои што треба да бидат управувани во текот на утрешниот ден. Потребно е вклучување на целата механизација со која располагаат јавните претпријатија, општина Штип, како и сите градежни компании на општината Штип заради полесно справување со пожарите на територијата на општината и за создавање обрачи од земјени наноси“, рече Јорданов.
Градоначалникот Јорданов додаде дека е потребно и вклучување и логистичка поддршка на теренот од здруженијата, ловните друштва месното население, Црвен крст и Брза помош.
Како што најави градоначалникот Јорданов од утре сите ресурси ќе бидат ангажирани на терен.
Потребен е координиран настап, потенцираше Јорданов кој очекува во раните утрински часови да се направат коридорите и заштитниот појас за да се оневозможи ширење на пожарот.