За четири дена почнува тринаесетто издание на Струмица опен фестивал (СОФ), кој годинава под мотото „Културни бранови на радоста“ ќе донесе многу домашни уметници, настани и случувања. Фестивалот, како што беше објавено на денешната прес конференција почнува на 22 јули, а ќе заврши на 20 август.
Најавувајќи го фестивалот, градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов рече дека особено го радува што наредниот месец ќе донесе многу домашно творештво и македонски уметници.
-Општината останува главен и генерален покровител на фестивалот и уште поважно е како и претходната година нема да имаме изведувачи од страна, туку ќе бидат македонски изведувачи коишто во најголем дел ќе изведуваат македонски песни. Веруваме во тој принцип на работа и секако остануваме посветени и оваа, но и годините пред нас да го променуваме летното струмичко секојдневие со нешто навистина убаво. Како генерален покровител, со одлука на Советот на општина Струмица при изготвувањето на општинскиот буџет, одвојуваме близу 3 милиони денари за покривање на Струмица опен фестивалот, но сепак сме флексибилни и јас како градоначалник и организаторите и доколку сметаме дека одреден настан или активност може да го збогати портфолиото на фестивалот, сме подготвени и имаме финансиски можности да ги поддржиме и нив, рече Костадинов.
Организаторите на Струмица опен фестивал ги повикаа граѓаните на целата држава да дојдат во Струмица и по пример на минатите години да бидат дел од фестивалот и над стотината настани. Зад организацијата на СОФ стојат многу млади струмичани заедно со здружението „Културно забавен живот” коешто е организатор на оваа реномирана културна манифестација во Струмица.