Жител на Кочани (34) е вториот потврден случај на заболен од болеста што ја пренесуваат комарците, односно Западно-нилска треска, соопшти Институтот за јавно здравје. Случајот е потврден на 12 јули, пет дена откако бил примен прво во Општата болница во Кочани, а потоа префрлен на Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип.
Пациентот имал треска, малаксаност, болки во мускули, главоболка и колапс, при што паднал и добил посекотини на главата и рацете бил донесен на 7 јули во Итната медицинска помош во Кочани, по што бил хоспитализиран.
„Поради перзистирање на фебрилноста, на 09.07.2024 година, пациентот е трансфериран во инфективното одделение при ЈЗУ Клиничка болница – Штип. Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители. Со серолошко испитување е добиен податок за присуство на антитела кон причинителот – WNV од вирусолошката лабораторија при ИЈЗ, односно потврдено е заболувањето Западно-нилска треска. Пациентот бил хоспитализиран во ЈЗУ Клиничка болница – Штип во периодот од 09-15.07.2024 година и е испишан во добра здравствена состојба“, соопшти ИЈЗ.
Пациентот кажал дека во периодот од 24.06-01.07.2024 година, бил на туристичко патување во Тунис. Од ИЈЗ соопштуваат дека за време на престојот, забележал комарци во поголем број и бил каснат од комарци иако користел репеленти во поголем дел од периодот при престојот.
„Во регионот на Кочани е исто така забележано присуство на комарци. Согласно информацијата од надлежниот епидемиолог, спроведена е редовна дезинсекција, соопштува ИЈЗ.
Ова е втор случај на заболен од Запдно-нилска треска годинава во Македонија. Првиот случај е регистриран во месец април годинава, кај жител на општина Василево, на територијата на ЦЈЗ Струмица. И во овој случај заболениот кажал дека патувал во странство.
Западно-нилската треска во Македонија се регистрира со спорадични случаи, најчесто кај тестирани пациенти со невроинвазивна форма на болеста.
ИЈЗ информира дека вектор преносливите заболувања стануваат се поактуелни и ја менуваат сликата на оптоварувањето со заразни болести. Климатските промени во голема мера влијаат на дистрибуцијата и активноста на векторите. Многу од овие болести се веќе присутни во Македонија (лајмската болест, западно-нилска треска, некои хеморагични трески, туларемија и др.), а други како што се маларија, денга, чикунгуња и многу други потенцијално може да се внесат во државата.