Екстремно високите температури го „докусурија“ и онака, кревкото здравје на граѓаните со хронични болести. Сепак, за нив не важат владините препораки за ослободување од работа како што тоа е случај за бремените жени, но и за лицата постари од 60 години.
Проблемот од минатото лето се преслика во одлуките и на новата Влада, што предизвика реакции кај пациентските здруженија.
Велат дека топлото време дополнително ја влошува состојбата на пациентите и оценуваат дека Министерството за здравство заедно со Комисијата за следење на ефектите од високите температури направиле пропуст во предлог мерките доставени до Владата, во однос на тоа кои граѓани да бидат ослободени од работни обврски поради енормните температури.
Како актуелниот топлотен бран се одразува врз пациентите и какво влијание има тоа врз нивната продуктивност, одговори побаравме од Здравко Јосифовски – претседател на здружението Сѐ за рак. Универзитетскиот професор Лазар Јовевски пак, во разговор за ММС ги објаснува препораките на Владата од правен аспект и укажува на кој начин хронично болните сепак би можеле да побараат да бидат ослободени од работа.
Високите температури дополнително ги исцрпуваат хронично болните
Според Јосифовски, високите температури можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми особено кај онколошките пациенти. Вели дека тие значително влијаат на нивната работна способност смалувајќи ги дневните психофизички способности.
„Мора да се земе предвид дека сите онколошки пациенти покрај ситуацијата со која се соочуваат со своето нарушено здравје, поради високите температури се дополнително под поголем стрес и ризик од исцрпеност од топлина и топлински удар. Поради намалениот имунитет, подложни се и на дехидрација и хипертермија и се соочуваат со симптоми на овие состојби кои вклучуваат замор, вртоглавица, гадење, повраќање и дезориентација“, вели Јосифовски кој и самиот е онколошки пациент.
Во изјавата за ММС, тој додава дека температурните екстреми дополнително го зголемуваат и ризикот од инфекции.
Препораките на Владата за ослободување на бремените жени и граѓаните кои се над 60-годишна возраст, стапија на сила минатиот петок и важат до денеска. Професорот Јовевски објаснува дека тие се насока според која работодавачите треба да постапуваат, но не се обврзувачки.
„Тоа не е обврска, но соодветно на тоа, работодавачите треба да определат кои од вработените ќе работат, односно дали ќе се намали работното време за дел од нив или пак ќе останат дома. Сето ова треба да биде во согласност со нивниот процес на работа и структурата на вработени“, вели проф. д-р Јовевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ Скопје.
Со препораки или без, работодавачите мора да обезбедат безбедни услови – став на професорот Јовевски
Тој посочува дека не станува збор за обврска, бидејќи во тој случај веднаш ќе се постави прашањето – ако вработените седат дома по насока на Владата, кој ќе ги плати тие денови и тие работни часови коишто нормално, не се одработени, но и придонесите.
„Според мене, логична е одлуката на Владата да се даде препорака, а секој работодавач и од јавниот и од приватниот сектор треба да определи соодветни мерки за заштита во однос на топлотниот бран“, нагласува професорот.
Во однос на реакциите од хронично болните граѓани, тој вели дека и без препораки работодавачите во секој случај треба да направат проценка на состојбата и на вработените и соодветно на тоа да постапат.
„Тоа е законска обврска дури и во случај во кој Владата не дала насоки односно препораки за намалување на работни часови или за ослободување на одредени категории. Насоките во Законот за безбедност и здравје при работа се дека работодавачот е одговорен да обезбеди безбедни и сигурни услови за работа. Тоа подразбира сѐ – и топло и ладно. Тој мора да ги преземе сите мерки па дури и ослободување на вработените од работа со цел да ги заштити. Ако тоа не го прави, го прекршува законот“, истакнува Јовевски.
Тој објаснува дека доколку има прекршување, а вработените го докажат тоа, тогаш ќе се водат други постапки:
„Ако вработените докажат дека и покрај тоа што работодавачот знаел дека работните позиции се такви, да речеме ако имате работа на отворено каде вработените се директно изложени на сончеви зраци, а работодавачот не презел мерки за заштита и не обезбедил сѐ што е потребно за да не бидат изложени на сонце или ако е тоа невозможно не ги ослободил од работа, тие имаат право на посебни постапки“.
Според него, насоката од Владата е соодветна бидејќи е на ниво на препорака.
„Тоа е добра препорака, но законска обврска има секој работодавач да направи проценка на работните места и на вработените за да преземе мерки. Многу е едноставно и јасно сѐ, не треба тука Владата да дава наредба преку некои уредби или закони. Сѐ си постои во македонскиот правен систем, само како тоа се применува е друго прашање“, додава професорот.
Тој потенцира дека иако не се опфатени со препораките, хронично болните може да побараат ослободување од работа по писмен пат, доколку временските услови навистина го нарушуваат нивното здравје.
„Мојот совет е секогаш да се побара писмено со соодветна медицинска документација и ако има насока и совет од докторот дека ако не можат да бидат изложени на високи темепратури, веднаш да побараат од работодавачот да ги премести на друго соодветно место или ако не, да ги остави дома. Една од можностите е и да се работи во скратено работно време соодветно на временските услови за да бидат безбедни работните места“, додава Јовевски.
И покрај ова, пациентите со кои разговараше ММС тврдат дека нивните доктори одбиле да им дадат писмен извештај за ослободување токму поради тоа што не се застапени во препораките. Додека тие одат редовно на работа, има и такви кои во договор со нивните претпоставени деновиве работните обврски ги извршуваат од својот дом.
Актуелната ситуација повторно го отвори прашањето за важноста на свеста кај работодавачите, независно од она што го препорачале надлежните. Јосифовски вели дека е жално кога слуша во каква ситуација, дел од хронично болните се принудени да одат на работа.
„Притиснати од големиот стрес и исцрпеност поради високите температури нивната продуктивност е значително намалена иако настојуваат да одговорат и да ги оддржат своите работни активности на максимално ниво. Оние што не успеваат да одговорат соодветно на работните обврски со цел да го заштитат своето здравје настојуваат да земат боледување кое не секогаш завршува успешно“, укажува тој.
Јосифовски во име на сите онколошки пациенти апелира до Комисијата за здравство и Владата со донесувањето на следни мерки поврзани со високите температури за ослободување на граѓаните од работа да не заборават ги вклучат хронично болните во мерките за ослободување од работни обврски во услови на екстремни горештини.
Работниците кои сметаат дека нивниот работодавач не им обезбедил безбедни услови за работа, имаат и механизам за тоа соодветно да го пријават. Професорот Јовевски посочува дека во Инспекторатот за труд има посебно одделение за безбедност и здравје при работа и веднаш може да пријават доколку сметаат дека се изложени на небезбедни работни услови и работодавачот не презел соодветни мерки за заштита.
„Небезбедни услови е и работа на висока температура, како што може да биде и работа на многу ниски температури. Сѐ е тоа под еден ист систем, нема разлика и диференцијација правна. Работата на сонце се смета за ризик доколку е сончевото зрачење пресилно како сега. Но добро е што има препораки за да се потсетат работодавачите дека треба да преземат соодветни мерки“, заклучува проф. д-р Јовевски.
Инаку, на седницата која беше одржана на 11 јули, Владата меѓу другото препорача и работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 до 17 часот.
Препораките беа донесени поради екстремно високите температури кои според УХМР, денеска ќе достигнат и до 42 степена.
Тие од утре престануваат да важат, иако во следните два дена повторно нѐ очекуваат максимални температури кои го дефинираат портокаловото ниво за опасност од високи температури. Во текот на викендот температурите ќе опаднат за неколку степени – прогнозираат синоптичарите.
Вања Мицевска