Никој во земјава не располага со точниот податок за бројот на доделени Б-интегрирани еколошки дозволи што општините им ги издаваат на фирмите чие работење влијае врз животната средина – покажува истражувањето кое Центарот за граѓански комуникации го објави претпладнево.
Според Регистарот што го води Министерството за животна средина и просторно планирање иматели на Б дозволите се 278 компании.
Истражувањето открива дека дел од дозволите што ги доделиле општините не се објавени во Регистарот, додека дел од фирмите иако ги затвориле инсталациите, сè уште се евидентирани во Регистарот.
Истражувањето ги покажа следниве клучни наоди:
• Иако фирмите носители на Б-интегрирани еколошки дозволи треба да плаќаат надоместоци по неколку основи, сепак дури и големите општини годишно на оваа основа вкупно собираат само по неколку илјади денари. Оваа состојба отвора сомнеж дека општините не им ги пресметуваат надоместоците за поседување на Б-интегрирана дозвола на сите носители на дозволите. А, дел од фирмите не ги плаќаат редовно ниту ваквите ниски надоместоци за кои се задолжени.
• Годишните надоместоци што ги плаќаат фирмите кои поседуваат Б-интегрирана дозвола се движат од 915 денари до 22.860 денари.
• Големите разлики во приходите што ги остваруваат општините врз оваа основа, упатуваат на заклучок дека нема воедначен начин на пресметување на надоместоците за Б-интегрираните еколошки дозволи.
• Со оглед на тоа што годишните надоместоци за најголем дел од инсталациите кои поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола се идентични секоја година, може да се толкува дека дел од инсталациите не доставуваат ниту годишни извештаи за мерењата за загадувањето и дека нецелосно им се утврдува годишниот надоместок.
• Општините немаат пракса да ги информираат граѓаните за приходите што ги остваруваат од фирмите кои се носители на Б-интегрирани дозволи. Отсуството на транспарентност го зголемува ризикот од злоупотреби.
• Општините немаат регистри на загадувачи. Дел од нив имаат изработено т.н. катастри на загадувачи, но на ниво на индустрии, а не и на поединечни фирми.
• Секоја втора општина се соочува со недостиг на инспекциски кадар во областа на животната средина.
Од Центарот препорачуваат како општините, така и самата држава да водат прецизна евиденција за доделените Б-интегрирани дозволи. Во препораките се наведуваат и неселективни контроли за пронаоѓање кои требало, а не поднеле барање за добивање Б-интегрирана дозвола, како и врз субјектите кои поседуваат дозволи од ваков тип, со цел да се заштити животната средина.
Меѓу другото, Центарот за граѓански комуникации препорачува и да се иницираат законски измени за коригирање на формулата преку која се утврдува висината на средствата што треба да ги платат инсталациите што поседуваат Б-интегрирана дозвола.