Во моментов работиме на три пријави – за еден државен и два приватни универзитети. За кои универзитети конкретно станува збор, ќе говориме кога ќе имаме сериозни докази, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа во емисијата „За и против“ на телевизија „Алфа“ најави дека ќе следува реевалуација и реакредитација на сите универзитети.
Во Министерството, како што посочи, постојано имало поплаки за работата на одредени универзитети и факултети.
Како што информираше, на јавна расправа ќе биде ставен нов предлог за печатење на сведителствата.
– Добивме нов е-дневник со средства од ЕУ, којшто е многу посовремен и поефикасен. Тој е во фаза на тестирање и одобрување и истиот овозможува печатење на свидетелства. Но, реално, учениците имаат потреба од свидетелства само во деветто одделение и во завршна година од средно образование, за да го продолжат образованието или за да се вклучат на пазарот на труд. Можеби е подобро и поекономично, училиштата да ги печатат другите свидетелства, а завршните свидетелства да ги печати државата. И овој предлог ќе го ставиме на јавна дискусија, рече Јаневска