Тројца од вкупно четворицата малолетници кои во петокот беа донесени на Клиниката за токсикологија ќе бидат пуштени на домашно лекување, а едниот ќе остане на дополнителни иследувања.
– Кај тројца малолетници, параметрите се задоволителни и ќе бидат пуштени. Еден од пациентите ќе остане заради дополнителни иследувања, изјави попладнево за МИА, директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев.
Четирите малолетници од кои двајца во бесознание беа пронајдени во куќата на 40-годишник и донесени на Клиниката за токсикологија. По извршените испитувања беше утврдено присуство на психоактивни супстанци.
Основното јавно обвинителство – Скопје во саботата информираше дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против 40-годишникот, кој се сомничи за тешки дела против здравјето на луѓето. Според Обвинителството, осомничениот со децата консумирал алкохол и во текот на вечерта извадил лекови, што ги користел за одвикнување од зависност од алкохол и кои им ги понудил да ги испијат за подобро расположение. Тој им дал да испијат поголемо количество од лековите во комбинација со алкохол, иако бил свесен за штетната последица и ги оставил во сериозно влошена здравствена состојба што самиот ја предизвикал.
Од извршените разговори со малолетните лица е констатирано дека тие во текот на вечерта во четвртокот пристигнале во куќата на 40-годишниот Д.Ѓ. во која понекогаш престојувало едно од малолетните лица.
Четириесегодишникот е приведен и ги потврдил исказите од малолетните лица. Тој бил во пријателска врска со роднина на малолетникот.
– Во текот на вечерта, малолетните лица консумирале поголема количина на алкохолни пијалоци, а во еден момент, од страна на Д.Ѓ. на четирите малолетни лица им било понудено и овозможено консумирање на одредени медикаменти. Со тоа, малолетните лица се довеле до полусвесна состојба, со неконтролирано однесување, при што искршиле дел од инвентар во дневната соба во која престојувале и при тоа се здобиле со повреди, информираа од СВР Скопје.