Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 40-годишник осомничен за – Тешки дела против здравјето на луѓето, според член 217 став 1 од Кривичниот законик, а во врска со член 212 став 1, како и за кривично дело – Излагање на опасност според член 134 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, додека на 11 јули во вечерните часови во неговиот дом престојувале четири деца на возраст од 15 до 17 години, ставил во промет лекови што се штетни за здравјето, вели Обвинителството.
Тој заедно со децата почнал да конзумира алкохол и во текот на вечерта извадил лекови “тергатол 200 мг”, “запира 10 мг” и “дијазепам 5 мг” кои ги користел за одвикнување од зависност од алкохол и кои им ги понудил на малолетниците да ги испијат за подобро расположение.
Им дал да испијат поголемо количество од лековите во комбинација со алкохолот, иако бил свесен за штетната последица што може да настапи и со тоа тешко им го нарушил здравјето.
Следниот ден попладнето полициски службеници ги пронашле оштетените деца во неговиот дом во бессознание и со сериозно влошена здравствена состојба. Со возило на итна медицинска помош биле префрлени на Клиниката за токсикологија, каде што кај децата било констатирано високо присуство на бензодијазепини во крвта.
Осомничениот претходно станал и во дневната соба ги затекнал децата како лежат во сериозно влошена здравствена состојба која претходно самиот ја предизвикал, но и покрај тоа ги оставил без помош.
Надлежниот јавен обвинител оцени дека се исполнети законските основи и до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.