На 12.07.2024 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Единица за корупција во соработка со Одделот за криминалистичка полиција, поднесе кривична пријава против Б.И. (29) од Тетово, заради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”, предвидено и казниво по член 353 ст.3 вв ст.1 од Кривичниот законик.
-Пријавената Б.И. во својство на в.д. организациски директор на Јавна здравствена установа – Универзитетска клиника за токсикологија, пречекорувајќи ги своите службени овластувања во период од 14.02.2024 до 24.06.2024, а со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица, на 15.05.2024 склучила 15 договори за дело со 15 лица кои биле работно ангажирани на Универзитетската клиника за токсикологија (и други лица без регулиран правен основ за нивно присуство на клиниката), по што, ретроактивно, за лицата наводно работно ангажирани, за месеците април и мај 2024 година издала два платни налози и извршила исплата на месечен надомест на ден 31.05.2025 и 14.06.2024 за наводниот работен ангажман во вкупен износ од 659.781 денари со вклучен персонален данок на доход, информираат од МВР.
Во информацијата од МВР понатаму се наведува дека наведените исплати се извршени противправно, за период кога со истите лица клиниката немала склучено договори за дело и за период на избори, односно исплатите биле извршени спротивно на наведените законски одредби, при што за наведените исплати бил пресметан и исплатен персонален данок во износ од 23.334 денари за месец април и 42.647 денари за месец мај 2024 година, со што пријавената Б.И. ја оштетила ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија за вкупен износ на извршените исплати со платен данок од 659.781 денари, овозможувајќи им противправна имотна корист на претходно наведените лица во поединечни износи како претходно наведените месечни плаќања.
-Пријавената Б.И., иако знаела дека истиот ден кога е назначена за в.д. организациски директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија, распишани се претседателски и парламентарни избори, како и дека согласно член чл.34 ст. 1 алинеа 3 од Закон за спречување корупција и судир на интереси, член чл.8а ст.1 алинеа 3 од Изборниот законик, како и член чл.109 ст. 2 од Закон за здравствена заштита таа не смее да склучува договори за вработување на лица, договори за дело на работно ангажирање на лица, како и вонредни исплати за време на избори, и дека истите за да бидат употребени во правен промет задолжително треба да бидат потпишани од двајца директори, таа сепак склучила 15 договори за дело.
Исто така, на Б.И. и било познато дека од страна на в.д. медицинскиот директор на ЈЗУ Клиника за токсикологија на 28.03.2024 година се известени сите работници на Клиниката чии договори се истечени дека нивните обврски со Клиниката се завршени, се до нивно повторно ангажирање, согласно забраните предвидени во член од Изборниот законик, но и покрај тоа 11 здравствени работници со знаење на пријавената и без склучен договор за вработување или договор на дело, продолжиле да доаѓаат на работа во Универзитетска клиника за токсикологија.
Согласно наведеното, пријавената извршила службени дејствија кои што не смеела да ги изврши, односно Б.И. сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување” по чл.353 ст.3 вв.1 од КЗ, оштетувајќи ја Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за токсикологија за износ 659.781 денари, се вели во информацијата од МВР