Кочанчани плаќаат најголема цена за кубик вода, а претпријатието кое ја испорачува услугата, е најзадолжено во државата и неговиот долг ја чини четвртината од долговите на сите општински јавни претпријатија. Ова се наодите од анализата од истражувањето на цените и потрошувачката на водата за пиење во земјава на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Анализата покажа дека најниска цена за потрошената вода плаќаат жителите на Боговиње, само 7,5 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани – дури 48,79 денари за кубик, што е за 6,5 пати повеќе.
Кај фирмите, најниска цена за кубик вода плаќаат потрошувачите во Желино, 13,42 денари, додека убедливо најскапа е водата за скопските фирми, дури 68,10 денари за кубик.
Најмногу вода трошат жителите на Маврово и Теарце, по 70 кубици месечно, како и на Боговиње, по 40 кубици месечно. Најмалку вода трошат домаќинствата во Старо Нагоричане, само по 2,4 кубици месечно.
Од големите градови, водата е најевтина во Тетово, а најскапа во Охрид. Спротивно, охриѓани трошат најмалку, а тетовчани најмногу вода месечно.
Од годишно произведените 245 милиони кубни метри вода за пиење, се губат повеќе од половина, односно 146 милиони кубни метри.
Најмногу вода за пиење во апсолутна загуба се губи во Скопје, дури 63 милиони метри кубни годишно, што е 43 % од целата загубена вода во земјава. Следат Гостивар, Тетово и Кичево.
44 % од 67-те снабдувачи со вода за пиење лани оствариле негативен финансиски резултат од работењето. Вкупната загуба на овие претпријатија изнесува 255.018.205 денари, односно 4 милиони евра.
Најголема загуба, од повеќе од еден милион евра има кочанското претпријатие, што е точно една четвртина од вкупните загуби на овие претпријатија. Со поголеми загуби се и водоводните претпријатија на Велес, Битола, Скопје и Струга.
Кај 72 % од претпријатијата со финансиска загуба, загубите на вода за пиење се поголеми од 40 %, се дел од наодите од Анализата на ЦГК.
Визуелизација: ЦГК