Зголемена e потрошувачката на водата за пиење во градот Штип, поради високите температури, но и нерационалното користење на водата за полевање на тревници и градини.
Директорот на ЈП „Исар“ –Штип, Кирил Зајков денеска упати апел до граѓаните рационално да ја користат водата за пиење, која е и третирана во современата Филтер станица.
-Ние како јавно претпријатие, благодарејќи на начинот на кој го водоснабдуваме градот т.е со водоснабдување од Хидросистемот „Злетовица“ и Филтер станицата која врши хемиски и физичка обработка на водата, испорачуваме и сме во можност да испорачуваме голема количина на вода, меѓутоа станува збор за третирана вода која ние како јавно претпријатие трошиме средства, за да ја хемиски и физички третираме за да биде пивка, изјави Зајков.
Тој посочи дека нема недостиг на вода, но забележа дека доколку водата се користи за дворните места, дел од улиците во Штип во повисоките зони можат да се соочат и со послаб притисок.
– Апелираме до граѓаните дека во овие денови, кога температурите се високи, првенствено водата да се користи за намената за која служи, односно да не ја користеме за наводнување на земјоделски површини,вели Зајков.
Максималната потрошувачка во споредба со изминатата година измерена во попладневните часови е и над 200 литри во секунда.