Македонците во Албанија ги има низ целата територија но како малцинство со свои права, државата ги признава само во Мала Преспа, само тука во училиштата се учи и албански и македонски јазик, во останатиот дел од земјата со окрупнивањето и припојувањето на руралните средини се губат оние 20 проценти за добивање на македонците како Малцинство, објаснува во денешното издание на емисијата Стадион, Васил Стерјовски, претседател на единствената партија на Македонците во Албанија, МАЕИ.
- Со новиот закон од 2017 година за заштита на правата на малцинствата во една општина каде што 20 проценти се малцинство имаат право тој јазик да биде службен јазик во локалната администрација, на патна сигнализација и табли на институции се двојазични и да се изучува мајчинскиот јазик ако има иницијатива од родители. Но во 2015 година се случи нова територијална реформа. Во Албанија имаше 374 општини, сега се 61 општина, се окрупнија. Голо Брдо и Гора ги припоија со поголеми албански општини и сега таму македонското малцинство не е повеќе од 5 проценти, посочува Стерјовски.
Запрашан за тоа колку и дали воопшто е дозволено обраќање на друг јазик освен албански во парламентот, Стерјовски нагласува дека според деловникот не смее да се користи друг јазик освен албанскиот, но како пратеник своевремено самиот искористил можност за да ги поздрави Македонците на македонски што било поздравено со аплауз.
Во однос на користењето на македонските симболи и македонското знаме, Стерјовски истакнува дека единствено во Општина Пустец од 2005 година официјален симбол на македонците е шеснаесет кракото сонце.
- Тука пред општина се вее јарболот на македонското и албанското знаме. На почетокот имаше реакции кога се воведоа овие работи. Во 2012 година дојде екстремистичка албанска група Алијанса на црвено црните да ги уништи, да ги руши овие симболи со тоа дека е загрозен албанскиот јазик, додава Стерјовски.
За признавањето и заштитата на правата на Македонците во Албанија како и за нивната застапеност во политиката на оваа земја, во денешното издание на емисијата Стадион на Канал 77, зборува претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски. Повеќе следете на линкот подолу: