Што се случува со Вале? Каде се дечињата? Кога ќе почне судскиот процес? Ќе добие ли Вале ослободителна пресуда?
Ова се само дел од прашањата кои јавноста две недели по крвавиот настан во Кратово ги поставува за Вале, која е долгогодишна жртва на семејно насилство, кое резултираше со двојно убиство.
ММС го контактираше адвокатот Христијан Георгиевси од Куманово, кој без надомест ќе ја брани Вале и како што вели, ќе ја извојуваат правната битка.
-Нашата адвокатска канцеларија бесплатно ќе ја застапува Вале. Сметаме дека таа заслужува да ја добие најдобрата правна одбрана. Како што беше и дедо Љубе со еден победнички тим. Да бидеме школски пример, утре наредните правни генерации да учат како треба да се водат долги судски постапки. Апсолутни го поддржувам гласот на јавноста, кој овој случај го споредува со случајот на Пале од Велес и ние како правна канцеларија ќе направиме максимални напори ова да биде успешна правна победа во овие долги судски постапки, вели Георгиевски.
Георгиевски вели дека истрагата е во тек и очекува што побргу да биде завршена.
-Одбраната интензивно и активно работи на предметот. Ги користиме сите правни стратегии и одбрамбени мерки за што побргу да ја споиме мајката со дечињата. Таа моментално е во затворот во Куманово на издржување на мерката притвор. Правиме максимални напори за укинување и замена на мерката притвор за замена со друга поблага мерка, бидејќи сметаме дека е престрога. Одбраната активно работи за подготовка на долгиот судски процес кој не очекува. Подготвуваме своја листа на материјални и писмени докази, сведоци, стручни мислења и вешти наоди од различни области. Имаме целосна доверба во судскиот систем на Македонија и сметаме дека ќе извојуваме голема правна победа, додава Георгиевски.
На прашањето на ММС како се чувствува Вале и што се случува со дечињата, тој рече:
-Со Вале се видовме неколку пати. Се работи за долгогодишна жртва на семејно насилство. На неа сѐ уште има физички и психички траги од таа тортура. Полека, но сигурно закрепнува. Има добра лекарска помош, разговор со соодветни лица кои ѝ помагаат. Во установата е добро згрижена. Ние сме секојдневно во контакт со неа, како за подготовката на одбраната така и на давање на поддршка да ги издржи овие тешки моменти. Дечињата моментално се под надзор на Центарот за социјална работа од Кратово, кои прават максимални напори да ги заштитат и да им ја пружат неопходната помош. Ние сакаме што побргу неа да ја споиме со дечињата, бидејќи местото на една мајка ѝ е кај дечињата, кои исто така долги години биле жртви на семејно насилство, нешто што ниедно дете не треба да го претрпи и ниедно семејство не смее да го почувствува, вели адвокатот Георгиевски, кој за затајување на институциите во овој случај рече:
-Искрено не се концентрирам на тој дел од проблемот. Мојот фокус е да ја пружам најдобрата одбрана, која може да се подготви. Секој има своја одговорност, а мојата одговорност е во правните битки и тука сакам да издвојувам победа, додаде тој.
(В.М.)