Техничката влада на Талат Џафери му даде дозвола на универзитетот на синот на сопартиецот Мерко, новата Влада ја укина. Меѓународниот универзитет во Струга не може да основа Факултет за здравствени науки, е една од одлуките на првата седница на Владата на премиерот Христијан Мицкоски. Донесената одлука од претходното владино раководство е поништена.
Министерството за образование и наука (МОН) во соопштение по седницата, информира дека Проектот за основање на Факултетот не ги исполнувал законските услови, а претходната Влада донела одлука со која дала одобрение истиот да се реализира. Ова е констатирано од страна на надлежните институции по ревидирање на спроведените активности во досегашниот тек на постапката.
-Со оглед дека станува збор за регулирана професија согласно Директивата на Европската Комисија 2005/36 и 2013/55, потребни се темелни и исцрпни анализи пред пристапување кон давање на Одобрение за вршење на високообразовна дејност за образование на овој тип на кадар. Во конкретниот случај, не се направени анализи за потребите од ваков кадар и условите за нивно образование и обука, ниту пак се извршени консултации со релевантни здруженија и надлежни органи по тој повод, соопшти МОН.
Имајќи ги предвид констатираните сериозни и бројни недоследности, Одборот за акредитација го поништи решението со кое се акредитира проектот за основање на факултетот, додека Министерството за образование и наука го поништи решението за почеток со работа, донесено од претходниот министер.