Германската министерка за внатрешни работи, Нанчи Фезер сака оние кои на интенет ќе поддржат терористички напад или некоја терористичка група, да бидат лесно и брзо протерани од Германија – пренесуваат германските медиуми.
„Кој нема германско државјанство и ги величи терористичките напади, мора да биде протеран онаму каде што е тоа можно“, изјави Фезер која е дел од Социјалдемократската партија на Олаф Шолц.
„Во иднина, секој лајк или коментар со кој се дава поддршка за терористички напад ќе биде причина за протерување“, изјави Фезер пред состанокот на Владата на кој би требало да биде прифатена измената на Законот на странци, а која се однесува на коментарите на интернет.
Како што е соопштено, Министерството за внатрешни работи на овој начин сака да реагира на позитивните реакции на дел од корисниците на интернет, по нападот на Хамас во октомври или по убиството на полицаецот пред неколку недели во Манхеим зад кој стои исламистички мотив.
„Со глорификацијата на терористичките напади се создава клима на насилство која би можела да ги охрабри потенцијалните сторители“, стои во соопштението од Министерството.
Поради тоа, како што се наведува, сигурносните интереси на Германија се над индивидуалните интереси на поединците кои имаат престој во Германија.
Во иднина, ваквото однесување ќе биде доволна причина за протерување. До сега, тоа беше можно само за осудени криминалци.