Во интервју за Слободен печат, досегашниот национален координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи, Марјан Забрчанец, со осврна на можниот иден однос на новата Влада кон иницијативата Отворен Балкан.
„Во програмата за работа на новата Влада, поимот Отворен Балкан не се спомнува, а еден од коалициските партнери, односно Арбен Таравари во претседателската кампања, експлицитно најавуваше излегување на државата од Отворен Балкан. Јас не мислам дека државата ќе излезе од Отворен Балкан, потпишани се меѓународни договори, дел од проектите се воспоставени на системско ниво, на ниво на инситуции од трите држави. Знаеме дека меѓународен договор е над домашното законодавство, меѓутоа во овој момент не очекувам нови иницијативи. Јас се плашам дека некој во иднина може сето тоа ќе го нарекува Отворен Балкан но се плашам дека ќе се сведе на тоа, македонскиот етнички дел од нашата влада да соработува со Србија, а албанскиот етнички дел од владата да соработува со Албанија. Тоа е поларизација, тоа се две општества, не е едно општество“ посочи Забрчанец.
Забрчанец наброја неколку придобивки за државата од Отворен Балкан како што се воведувањето брзи ленти на граничните премини, укинување на работните дозволи за граѓаните на Македонија, Србија и Албанија, заедничка промоција на туризмот, бесконтактното плаќање патарини и слично.