Уставниот суд денеска поведе постапка за член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи. Како што соопштија од Судот, изгласано е времено запирање од извршување на оспорените одредби (т.н. „времена мерка”).
– Во оваа фаза Судот изрази сомнеж дека оспорените членови се во спротивност со повеќе уставни одредби меѓу кои и владеењето на правото (Член 8 1 алинеи 3 и 6), правото на гарантирана сопственост (член 30 став 1), правото на еднаквост на граѓаните пред Уставот (член 9 став 2) и особено забраната за (повратно) ретроактивно важење на законите (член 52 став 4), се наведува во соопштението од Уставниот суд.
Пред Судот, како што се вели во соопштението, основано се постави прашањето дека законодавецот не го почитувал тоа што првично го гарантирал и утврдил нови услови и рокови под кои ќе се одвиваат воспоставени правни односи помеѓу доверителите и должниците, утврдени претходно со правосилна судска одлука, односно извршна исправа.
-Собранието, согласно својата надлежност да ги уредува правните односи на граѓаните го скратило рокот на застареност на побарувањата на доверителите од десет на пет години, но притоа не внимавало на забраната на повратно важење на законите, како и на уставната обврска да овозможи преоден период за прилагодување на граѓаните на новиот правен режим, се наведува во соопштението.
Согласно Уставот, како што посочуваат од Судот, исклучок од споменатото правило е дозволен, но Собранието не даде одговор до Уставниот суд, ниту пак во образложението на предлог-законските измени не се осврнало на причините и целите за правење на ваков исклучок, со што во судската пракса, како и во нормативниот поредок е предизвикан хаос.
При вакви околности кога не е предвиден период на прилагодување, при носењето на овие измени, Судот се сомнева дека се нарушени легитимните очекувања на граѓаните како и нивната правна извесност.
Во поткрепа на аргументите за поведување на постапка за оценка на уставноста на одредбите и изрекување на т.н. времена мерка, како што се истакнува во соопштението, беа анализирани одлуки на Европскиот суд за човекови права во насока на донесената одлука на Уставниот суд.
-Собранието во ниту еден збор не се осврнува на причините за скратување на уставно утврдениот „vacatio легис”, со што се доведува во прашање и почитувањето на член 52, став 3 од Уставот, велат од Уставен.
Во однос на фактот дека Судот во јануари 2024 година по овој закон не поведе постапка, Уставниот суд ја искористи деловничката можност како и уставно-судската пракса повторно да се впушти во расправа за прашањето на уставноста на истите законски одредби, врз основа на тоа што е направена подлабока анализа и е изнесена дополнителна аргументација, како и врз основа на фактот дека овој пат Судот одлучуваше во полн состав.