Американската сојузна држава Канзас вчера поднесе тужба против Фајзер, обвинувајќи ја компанијата дека ја довела јавноста во заблуда со својата ковид-19 вакцина, криејќи го ризикот додека истовремено давала лажни тврдења за нејзината ефикасност.
Во поднесената тужба, државата наведува дека наводно лажните изјави на оваа компанија од Њујорк, го прекршиле Законот за заштита на потрошувачите.
Државата сега бара неодреден паричен износ како надомест.
„Фајзер даде повеќекратни манипулативни изјави за својата вакцина со кои ја доведе јавноста во заблуда, во време кога на Американците им требаше вистината“, изјави обвинителот Крис Кобач од Канзас, инаку републиканец.
Во тужбата се наведува дека компанијата почнала да крие докази за тоа дека вакцината е поврзана со компликации во бременоста вклучувајќи спонтан абортус, како и со состојбите познати како миокардитис и перикардитис, веднаш по лансирањето на вакцината во 2021 година.
Од компанијата сепак одговорија дека она што го прикажувале за вакцината било точно и базирано на наука. Од Фајзер посочија дека тужбата нема основа.
Во јуни 2021 година, Американската агенција за храна и лекови го додаде предупредувањето за миокардитис и перикардитис на етикетата на вакцината. Несаканите ефекти од оваа вакцина се ретки и најчесто се јавуваат кај адолесценти и помлади мажи.
Две години подоцна, студиите на Националниот институт за здравство на САД заклучија дека ковид вакцините не се поврзани со абортус.
Инаку, Канзас наведува дека компанијата тврдела оти нејзината вакцина која е развиена во соработка со партнерот Бионтек, ја задржува високата ефикасност против мутираните соеви на вирусот, со што може го спречи неговото ширење. Обвинителот од Тексас, Кен Пакстон минатата година поднесе слична тужба против Фајзер, но компанијата ја оцени таквата вакцина како безвредна.