Формирањето на новата влада ja „разгори“ дебатата за старите прашања – односите со соседите. Преспанскиот договор се најде меѓу клучните поенти на политичарите во предизборието, но и сега по изборите не престанува да биде тема на препукувања.
Новите власти децидни дека вербално нема да го користат уставното име на државата, став кој Атина го сфати како провокација.
Министерот за надворешни работи во заминување пак, Бујар Османи го искористи своето претседавање со Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и се обиде да ги „смири страстите“ порачувајќи дека не очекува идниот премиер да го прекрши Договорот.
Потсети дека Владата која доаѓа, иако не го гласала, има обврска да го почитува Преспанскиот договор. Во рамките на состанокот на министрите за надворешни работи во Скопје, Османи имал состанок со заменик министерката за надворешни работи на Грција на билатерално ниво, по што телефонски разговарал и со министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис.
„Со Герапетритис разговаравме за посветеноста на двете држави не само за имплементација на договорите, туку и поддршката што официјална Атина ја дава на евроатлантската интеграција, односно европската интеграција на Северна Македонија. Имавме добар, конструктивен разговор во кој што разменивме ставови дека е многу важна регионалната соработка, добрососедските односи, продолжување на секторската соработка и ставот дека сепак Преспанскиот договор е многу повеќе од само договор за името. Тоа, се разбира е стожерот, но е договор за стратешко партнерство. Денес Грција го контролира нашето небо како дел од аранжманот преку НАТО заедно со Италија“, истакна Османи одговарајќи на новинарски прашања.
За разлика од него, претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова иако се сретна со Герапетритис во Скопје, воопшто не разговарала со него за Преспанскиот договор, а со тоа ниту за употрбата на уставното име.
„Грчкиот министер Герапетритис не ја отвори темата. Седевме еден до друг, многу сум задоволна што дојде. Пораките му беа регионално обоени, дека треба да си помагаме, да градиме владеење на правото, да го почитуваме меѓународното право и дека треба да продолжиме таму каде што многу јасни определби имаше Солунскиот самит. Тоа беа разговорите. Мислам дека ние луѓето од Балканот кога е потребно умееме да се разбереме. Денеска сум многу задоволна поради целосно усогласената декаларација која беше усвоена“, изјави претседателката на маргините на Самитот на шефови на држави и влади во Процесот за соработка во Југоисточна Европа кој се одржа во Скопје.
Одговарајќи на новинарско прашање дали може да ги коментира можните последици од некористењето на уставното име во нејзините јави говори, таа рече дека со тоа не го крши Уставот.
„Јас како човек имам право, повторувам од Сократ до денеска, во рамки на слободата на мислата и слободното изразување на мислата, да се изразувам така како што тоа го правам и не мислам дека тоа е кршење ниту на Уставот ниту на меѓународното право“, додаде Сиљановска Давкова.
Според Герапетритис, Грција би била една од оние земји кои ќе застанат на страната на земјите од Западен Балкан, со почитување на демократијата и владеење на правото.
„Важно е да се гарантира европскиот проток на сите земји од Балканот и од поширокиот регион во период на многу високи предизвици, со две војни во нашето пошироко соседство“, посочи Герапетритис во изјава за грчката телевизија ЕРТ истакнувајќи дека во Скопје ја пренел „пораката за мир, солидарност и пријателство до сите земји од Југоисточна Европа“.
-Напредокот мора да се развива врз основа на конкретни предуслови, кои се формални и се однесуваат на почитување на демократијата, почитување на владеењето на правото, верно почитување на сите меѓународни договори и почитување на континуирано со сѐ што е поврзано со Европската унија, меѓународното право, како и секако почитувањето на правата на малцинствата – додаде шефот на грчката дипломатија.
Употребата на името не е лично прашање – предупеди заменик шефицата на грчката дипломатија
Неговата заменичка, Александра Пападопулу во интервју за „360 степени“ рече дека пораката од Грција секогаш ќе биде иста, а тоа е порака на пријателство до граѓаните и до земјата.
„Грција сака да ја продолжи блиската соработка со вашата земја, но има основа за оваа соработка, а тоа е Преспанскиот договор. Строго придржување до сите преземени обврски од меѓународното право, вклучувајќи го и Преспанскиот договор, е основата за оваа соработка. Сакам да се надевам и да очекувам вакво продолжување на соработката со новата влада“, потенцираше во интервјуто Пападопулу која беше и амбасадорка во Скопје.
Таа рече дека како резултат на Преспанскиот договор Северна Македонија стана членка на НАТО и ги почна пристапните преговори со ЕУ, а во однос на политичките ставови за слобода на изразување, истакна дека функционерите не се обични граѓани туку ја претставуваат државата.
„Пораката е многу јасна – меѓународните договори треба да се почитуваат и сакаме да видиме дела со кои ќе се поддржат таквите изјави. Дозволете ми уште еднаш да појаснам – ова име, уставното име на земјата е име за севкупна употреба (ерга омнес) договорено во согласност со меѓународното право и мора да се почитува. Тоа не е лично прашање“, додаде заменик министерката.
Таа денеска беше на средба со претседателот на македонското собрание, Африм Гаши кому му порачала дека Македонија има искрен пријател во Грција.
„Тоа е пораката што ви ја носам од целото лидерство на Грција – дека ние сме пријатели, соседи, сојузници, партнери во НАТО, а еден ден ќе бидеме и партнери и во ЕУ“, рекла Пападопулу – пренесе собраниската служба.
Гаши ѝ се заблагодарил на Пападопулу за „поддршката од Грција за процесот на евроинтеграција на земјава, по зачленувањето во НАТО, што е резултат на постигнувањето на Преспанскиот договор“. Претседателот Гаши заклучил дека двете земји се на мошне добар пат во унапредувањето на билатералните односи, со оглед на интензивната соработка и комуникација меѓу граѓаните.
Освен со него, Пападопулу во Скопје се сретна и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети со кој разговарале за изборите и за европската перспектива на земјата.
Грција отсекогаш била поддржувач на евроинтегративниот пат на Северна Македонија, како и сигурен сојузник во НАТО – било истакнато на средбата.Ахмети истакнал дека очекува оваа поддршка за ЕУ и соработката во НАТО да продолжи и во иднина.
Двајцата соговорници изразиле задоволство од динамиката со која се развиваат билатералните односи, особено во последните седум години по потпишувањето на Договорот од Преспа.
В понеделник почнува Меѓународната конференција на Заев и Ципрас
Ваквите дебати за (не)почитувањето на Преспанскиот договор на релација Скопје-Атина, не ги оставија рамнодушни ниту главните виновници за документот кој беше потпишан во 2018-та година. Поранешниот премиер Зоран иЗаев и неговиот грчки колега, Алексис Ципрас во заедничка колумна за еуроактив ја повикаа ЕУ јасно да стави до знаење дека почитувањето на Договорот е е единствениот пат на земјава до пристапниот процес во ЕУ, претпристапната поддршка и економската мобилизација.
Заев и Ципрас, во чие време беше постигнат Преспанскиот договор, во заедничката колумна порачуваат дека „по неодамнешните избори во Северна Македонија, новото раководство даде провокативни изјави, нарушувајќи го словото и духот на Преспа“.
Нивните прогнози за можното сценарио што би се случило доколку се прекрши договорот, одат дотаму што сметаат дека тоа дополнително би го дестабилизирало регионот, со што ќе се создаде егзистенцијален предизвик не само за европската иднина на земјава, туку и за нејзината иднина како целина.
-На сите земји во регионот мора да им биде јасно на дека мирното решавање на споровите има придобивки за народите на Балканот и нивните раководства. Дека жртвите се наградуваат, а не се цинично игнорирани, пишуваат Заев и Ципрас во заедничката колумна.
Заев и Ципрас, меѓу другото, најавуваат дека нивните организации Институт „Алексис Ципрас“ и Фондација „Зоран Заев“ организираат Меѓународна конференција за мир и одржлив развој што ќе се одржи во Атина на шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, 17 и 18 јуни. На настанот, како што најавуваат, ќе бидат присутни истакнати владини лидери, светски експерти и претставници од целиот демократски политички спектар.
(В. Ми)