Во интервју за Фокус, д-р Венко Филипче и актуелен кандидат за лидер на СДСМ вели дека изборниот пораз на парламентарните избори минатиот месец меѓу другото се должи и на нерамнотежата и давањето премногу сила на ДУИ.
„Во обидите да одржиме стабилна влада и да ги решиме стратешките проблеми, отстапивме премногу моќ на ДУИ. Оваа нерамнотежа, не само што го ослабна нашето влијание, туку и остави впечаток дека ДУИ е примарна сила што ги движи владините политики. Како резултат на тоа, многу гласачи го сфатија СДСМ како потчинет на ДУИ. Ова го наруши нашиот кредибилитет и имиџ, иако во реалноста ова уверување не беше точно“, оценува Филипче.
Тој оценува дека ваквата состојба кулминираше во изразено националистичката кампања за изборите, но и многу пред тоа, каде што главната битка беше меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ беше целосно маргинализирана. Следствено ова потенцира Филипче, СДСМ, во иднина, мора да добро да ја научи оваа лекција и да извлече силна поука.
„Ниедна цел не е поважна од задржувањето на интегритетот и достоинството на партијата. Дури и по цена да не се формира влада, СДСМ не смее да дозволи да биде во коалиција во која нема да има доминантна улога“, рече Филипче за Фокус.
Филипче во интервјуто како грешки во политиката на владеење на партијата и Владата ги наведува и недоволното спротивставување на агресивна бугарска антикампања и создавањето перцепција дека СДСМ не се занимава со ништо друго освен со ЕУ.