Во исчекување на предлог – составот за новата влада од мандатарот Христијан Мицкоски, во јавноста се појавија имињата на потенцијалните министри, додека албанските медиуми веќе шпекулираат и со заменичките места.
Според овие неофицијални најави, Панче Тошковски од МВР како технички министер станува десна рака на Мицкоски, на функцијата Генерален секретар во Владата. Иако во МВР подолго време се најавуваше партискиот потпретседател Александар Николовски, според најавите, тој ќе го преземе ресорот транспорт. Во МВР се најавува Александар Јанев, кадар од внатре, кој во минатото беше на чело на Одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал.
Во одбрана оди Игор Јанушев, додека Љупчо Димовски од Социјалистичката партија во ресорот за заедници. Гордана Димитриевска во Финансии, додека Тимчо Муцунски во МНР. Сања Божиновска во новото Министерство за рударство, Весна Јаневска во МОН, Борко Ристевски за спорт а Цветан Трипуновски во МЗШВ. Министерството за правда ќе го раководи кадар на ЗНАМ, Министерство за здравство кај Арбен Таравари, Алтернатива ќе раководи со ресорот економија, Бесар Дурмиши – министер за труд, Фатмир Лимани за социјална политика, а Изет Меџити за екологија и вицепремиер.
Мандатарот Христијан Мицкоски најави дека во текот на викендот ќе се расправа за предлог листата од Извршниот комитет, по што ќе биде објавен списокот со предлозите за состав на новата влада.