Новинарките Вања Мицевска и Весна Коловска се третонаградени од Здружението на новинари и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) кои денеска свечено ги доделија наградите за „Креативност и новинарска етика“.
Мицевска и Коловска се наградени за серијата стории (Не)оправданите стравови го извадија „оружјето“ на борците за традиционалните вредности во регионот“ објавени на ММС МК и Канал 77.
Сториите говорат за дезинформациите на антиродовите движења кои изминатата година земаа замав, подривајќи ја демократијата не само во македонското општество туку и во земјите од регионот.
Третото место тие го делат со новинарките Валентина Вурмо и Анета Ристеска за нивната објавена сторија „Системот е продолжена рака на насилството, насилниците се извлекуваат со условни казни“.
Втората награда беше доделена на Ардит Рамадани, од медиумот mollekuqja.mk ,со сторијата со наслов „ Статистика: Жените во МК не го добиваат својот фер дел, традицијата е посилна од законот“.
Првата наградата е доделена на новинарот Михаил Милошевски од 360 степени со сторија со наслов „ Бугарскиот клуб на Косово што го отвори Јотова – под клуч “.
Покрај наградените, денеска посебно признание и беше врачено на Елена Гаговска за сторијата „Анатомија на убиството во Кочани“.
Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски во своето обраќање пред присутните ја истакна важноста од постоење на желба за истражување и етички пристап кон работата, како единствен начин за борба против напливот на информации во дигиталната ера:
Во време кога информациите се во голем број и лесно достапни, улогата на новинарите никогаш не била покритична. Ние не сме само пренесувачи на вести; ние сме раскажувачи, истражувачи и чувари на вистината. Наша задача е да ја презентираме, да информираме и едуцираме и да бараме одговорност од власта. Меѓу апликациите кои пристигнаа имаше навистина различни профили на стории, факт кој ме радува навистина затоа што докажува дека колегите имаат мотивација да работат уште повеќе. На овој начин можеме да ја пробиеме вревата на дигиталната ера. Знам дека е голем предизвик да се работи во општество како нашето, но не смееме да се откажуваме. Во свет каде дезинформациите се неконтролирани, нашите етички стандарди се поважни од кога било.
Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП во земјава ја акцентираше потребата од ваков вид настани со цел да се идентификуваат дезинформациите и лажните наративи во општеството:
„Објавувањето на новинарските награди за креативност и новинарска етика преку разоткривањето на дезинформациите ја симболизира заедничката посветеност на зајакнувањето на нашите способности да се спротивставиме на дезинформациите, лажните вести и дезинформациите засновани на пол, кои претставуваат своевидна современа закана за демократијата и слободата на говорот. Соработката со ЗНМ е со цел да ги идентификуваме и наградиме најкреативните и најиновативните новинари кои подготвиле стории со дезинформации и лажни наративи во нашето општество“, рече Григорјан.