Правилата на игра за членство во Европската унија значајно се променети, а и Унијата не е тоа што беше пред 20,30 и 50 години. Проширувањето стнанува се’ потешко, а и треба да бидеме подготвени за фактот дека можеби членството во ЕУ за државите од Балканот останува недостижна цел во догледно време. Поради тоа треба да имаме државна стратегија каде ќе оди државата во иднина и без членство во ЕУ.
Ова е ставот на универзитетскиот професор и поранешен вицепремиер за евроинтеграции во владата на ВМРО ДПМНЕ, Васко Наумовски во подкастот „Да не се лажеме со Хаџи – Јанев“.
-Најзначајно е да имаме една свесна надворешна политика, која ќе се заснова на државна стратегија за различните можности за развој на нашата држава. Ние сме јасно определени за членство на ЕУ и таа определба е уште од раните 90 -ти и ја има поддршката од сите најзначајни политички партии и во тој контекст треба да ја градиме надворешната политика. Сепак, треба да бидеме свесни дека ЕУ не е тоа што беше пред 20, 30 па и 50 години и самото пристапување не е така лесно и едноставно, како што било порано, па и дури придобивките не се исти, вели Наумовски.
Тој предлага гадење на дражавна стратегија каде би се содржела алтернативата на држава која како што вели, „во догледно време нема да стане членка на ЕУ“. Наумовски елаборира зошто е овој став.
-Една сериозна држава со сериозна надворешна политика, иако ја задржува посветеноста на ЕУ интеграциите, треба да има изградена стратегија што ќе се случи со државата и каде државата ќе оди доколку нашата стратегија и нашиот план за членство во ЕУ не дава никакви резултати. Односно, ние како општество треба да бидеме подготвени да градиме стратегија како ќе се развиваме економски и политички и без членство во ЕУ. Сите ние сакаме членство и работиме тоа членство да се случи. Меѓутоа, доколку одредени процеси внатре во ЕУ или овие билатерални прашања кои произведуваат вето, не се во наша полза, односно ЕУ не е подготвена да прими нови членки, меѓу кои и ние, треба да бидеме подготовени да ја градиме нашата стратегија и без ЕУ. Да бидеме подготвени дека во догледно време, на среден рок, нема да станеме членка на ЕУ. Да сме подготвени дека можеби членството во ЕУ за државите од Балканот останува недостижна цел во догледно време, смета Наумовски.
Наумовски ова го темели на анализата на изјавите за проширувањето, кои доаѓаат од големите и влијателни земји членки на ЕУ, кои како што вели, „покажуваат дека земјите од Балканот не треба да станат членки“. Ова и во контекст на идејата за формирање на Политичка унија на земите од Балканот си други слични проекти.
-Овие гласови доаѓаа од сериозни земји, кои сметаат според кои дека можеби е дојден крајот на политиката на проширување во онаа форма каква што ја знаеме. За секое идно проширување, да не заборавиме, некои земји како Франција, треба да имаат референдум и на тој рефрендум, сите француски граѓани треба да одлучуваат за прием на земји како Македонија, Албанија, Србија, Косово, Украина. Треба да имаме повеќе алтернативи како ќе се развиваме и со ЕУ и без ЕУ, рече Васко Наумовски.
Но, како што смета Наумовски, ова не значи дека не треба да работиме на исполнување на високите критериумите, туку да продолжиме во тој праец за наше добро.
ВМРО ДПМНЕ, партијата која победи на изборите и го доби мандатот за состав на нова влада е на став дека уставните измени за прием на Бугарите во Уставот, што е услов за продолжување на еврионтеграциите, не може да биде под бугарски диктат. Доколку остане овој став, понтамошното придружување во ЕУ останува на ова ниво, се’ додека не се направат уставните измени.
В,К.