Првата кандидатура за нов претседател на СДСМ дојде од Битола од име кое пошироко не беше познато. Станува збор за Златко Ристевски, кој е поранешен вработен во МВР. Има 56 години и за себе вели дека во партијата е активен член од 2016 година, а на прашањето како партијата може да консолидира и застане на нозе по поразот, вели дека ќе има обединување, само ако си заминат старите кадри.
-Поради катастрофалниот пораз на 8 мај, сакам да ја спроведам идеологијата на поранешниот претседател Киро Глигоров. СДСМ во претходните години функционираше според идеологијата на Глигоров, но не се најде човек со иста визија. Сега јас сакам да ја вратам таа идеологија, вели Ристевски.
За Ристевски, тоа што е битолчанец и не живее во Скопје, не игра никаква улога да се води партијата. На СДСМ му забележува за односот со ДУИ.
-СДСМ прво згреши со тоа што беше во коалиција со ДУИ и ѝ даде власт спротивно од Рамковниот договор. СДСМ треба да биде опција која нема да дозволи државата да биде сечија. Освен тоа, не’ изигра и Европската унија, е ставот на Ристевски.
Од коалиционерите како ЛДП, кои се изјаснија дека ќе делуваат независно, Ристевски очекува дека ќе се свртат кон власта. Во кандидатурата настапува со визијата Македонија да ја види, како што вели „европска и најдемократска“.
Златко Ристевски за свои конкуренти во трката за лидерското место ги има Венко Филипче, Александар Бајдевски, Славјанка Петровска и Јован Деспотовски. Неизвесно е дали ќе има и други кандидати, иако претходно имаше и други најави. Денеска е последен ден од рокот за поднесување кандидатури, а изборите се на 30 јуни.