Во најновото издание на поткастот „Да не се лажеме со Хаџи Јанев“ гостува Васко Наумовски, универзитетски професор, поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор во САД, кој говореше за иднината на интеграциите во Европската Унија во време на геополитичка тензија.
Како што кажа тој, денешната политика на ЕУ потсетува на минатото, барем кога станува збор за земјите на Балканот, имајќи предвид дека и тогаш, но и денес, историјата сведочи дека ЕУ не успева да ги реши проблемите во регионот, па секогаш им е неопходна поддршка од САД.
- За жал, како што можеме да научиме од историјата, ЕУ не се покажа како најспособна за решавање на безбедносните предизвици, па беше потребно повторно да се вклучат САД со цел да ги неутрализираат а подоцна и решат дел од конфликтите на Балканот. Се покажа дека Европа не е заинтересирана да помогне на државите во кои безбедноста не е на високо ниво, иако тоа се очекуваше од оваа заедница на држави. Иако САД го препуштаат Балканот на Европа, сепак, очигледно е дека засега нема интерес за проширување на унијата со нови членки, вели Наумовски.
Васко Наумовски се осврна и на политиката во земјава, потенцирајќи дека секоја држава мора да има алтернативна политика.
- На Македонија времето и истекува, бидејќи сè повеќе квалитетни луѓе ја напуштаат државата. Покрај младите, зачестува бројот и на повозрасни граѓани кои одлучуваат да си заминат. Мораме да сфатиме дека терба максимално да ги користиме умните луѓе кои ги имаме во државата, но и да ги стимулираме. Во спротивно, ќе се доведиме во ситуација да нема кој да спроведува реформи, ниту пак ќе има за кого да ги спроведува истите. Потребни се итни промени, не може етничкиот и партискиот интерес да биде пред државниот. Проблемите во земјава се заиндички на сите граѓани, почнувајќи од образование и правосудство до завршување со здравство. Колективните права се решени во нашето законодавство, но истите се поттикнуваат само преку политичките чинители, кои ги активираат во борбата за да добијат пповеќе поени пред секој избориен циклус. Всушност, македонската држава е жртва на остварување на одредени интереси на политичките партии, поединци или групи, погубна политика од која мора брзо да се решиме, алармира Наумовски.
Целото интервју со професорот Васко Наумовски може да го проследите денес со почеток од 18 часот на „Јутјуб“ профилот на Канал 77.