Професори од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, дел од конзорциумот на Newaves со тимот од Канал 77 од овој проект, на состанок со претставници на локалните радија од Македонија разговараа за потребите на медиските професионалци од дополнителна наобразба и вештини. Овој состанок е во функција на подготовка на модулите за E-learnig, што заедно ги подготвуваат тимовите од овој универзитет и од универзитетите во Гуарда, Португалија, Тренчин, Словачка и Осијек, Хрватска.
Тимовите работат на подготовка на курсеви од модулите: Дигитални вештини, Етика и право, Маркетинг и Претприемаштво.
Пред тимовите од сите четири модули, претставниците на локалните медиуми истакнаа дека областа Маркетинг и продажба им се суштинска потреба и бараат современи знаења за продажба на медискиот простор. Потоа, не помалку важни им се дигиталните вештини и користењето на дигиталните алатки – почнувајќи од слободните софтвери, употребата на социјалните мрежи за добивање на што поголема публика, до сознанија за тоа како функционираат алгоритимте.
Беше забележано дека универзитетите треба да создаваат програми на Факултетите за новинарство и комуникации, кои ќе даваат различни профили на новинари, а особено специјалност за работа со дигиталните медиуми. Исто така, според радиските професионалци, неоходни се знаења за извори на финансирање, одржливост и начин на прибирање на средства за работа. Регулацијата, авторските права, праксата во различни држави во делот на одговорноста, казните и стандардите се исто така, суштински во работењето на радијата.
Управувачкиот тим на Newaves Македонија ги запозна претставниците на локалните радија со можностите за соработка и следните иницијативи од проектот, кои ќе бидат во нивна функција.
Радиските професионалци искажаа задоволство од можноста за соработка со проектот, оценувајќи дека ова е ретка и речиси единствена прилика за унапредување на работата на локалните радија.
Проектот Newaves е колаборативна алијанса за обновување на радиото, зајакнување на информирањето и претставува единствена можност за универзитетите да се вклучат во промовирање на медиумската заедница и застапување за различност и плурализам во медиумската сфера.
В.К.