Последните интензивни врнежи од дожд ја наполнија браната „Кнежево“, срцето на хидросистемот „Злетовица“, од каде со вода за пиење се снабдуваат општините Штип, Свети Николе и Пробиштип. Во последните мајски денови, кога ја го посетивме локалитетот, софистицираниот систем за управување СКАДА, кој само пред неколку месеци беше целосно унапреден, покажа исполнетост на браната од 91 отсто. Во количина тоа значи дека во браната во тој момент имаше 21.250.00 кубни метри вода.
Ова е особено добра вест по месеците со слаби врнежи, кога и водостојот на реките било значително помал. Меѓутоа, по врнежливиот период во текот на април и мај, од „Злетовица“ пресметале дека вода има и повеќе од доволно.
„Ќе има доволно вода за водоснабдување на трите општини – Штип, Свети Николе и Пробиштип и водоснабдувањето ќе се одвива непречено и три годни да не падне дожд“, вели инженер Катерина Митевска Стојчевска.
Од темелниот испуст на браната се испушта по 350 литри во секунда. Најголем потрошувач очекувано е најголемата општина која се водоснабдува од „Злетовица“ – општината Штип, која троши повеќе од половината од водата од системот. Во летниот период, побарувачката од вода за Штип изнесува и до 250 литри во секунда. Прогнозите за јуни исто така најавуваат дека браната ќе се полни.
„Имаме најави за јуни дека ќе биде доста врнежлив и така што имаме доволно ретенцезионен простор во браната за прибирање на нови количини од врнежи, кажа Митевска Стојчевска.
Хидросистемот „Злетовица“ во моментов го тестира водоснабдувањето на општината Карбинци, која е следната општина што треба да се приклучи на овој витален систем во источниот дел на државата.
В.К.