Штипјанецот (42), кој во понеделникот утрото беше прегазен од возило додека косел трева на експресниот пат Штип – Кочани е во стабилна состојба, но останува во САРИЛ. Одделот за реанимација во Штип. Според информациите од Клиничката болница, извршена му е операција, откако со повреди на главата и нозете, лекарите веднаш по донесување се бореа за неговиот живот.
Од Јавното обвинителство во Штип информираат дека поради тешките повреди, работникот не можел да биде транспортиран во Скопје и лекувањето засега е на Клиничката болница во Штип.
По овој случај, секако прашањето е како се случило тешко да настрада патар, кој бил со работни задачи да го одржува експресниот пат. Има повеќе шпекулации – дека патот не бил означен па се до делот возачот од Пробиштип (43), кој управувал со возилото Сеат заспал на воланот. Меѓутоа, според Обвинителството, ништо од тоа не е точно.
-Патот каде работеле работниците бил уредно означен со поставено возило со прописни ознаки, меѓутоа, од непознати причини, работникот преминал да работи од спротивната страна на коловозот, која не била означена. Бил ангажиран од фирма од Велес, која го одржува овој дел од експресниот пат, кажа Татјана Кацарска, Основен јавен обвинител од Штип.
Работникот бил распореден на задача со други свои колеги.
Разговаравме и со директорот на Македонија пат, Костадин Ацевски, кој рече дека работата на патарите спаѓа во доменот на ризични работи, особено на автопати и експресни патишта.
-Вообичаено е кога работат работниците на патот и покрај патот, се поставуваат знаци, ротација, знакот „Работа на пат“, а се обезбедуваат и работниците. Меѓутоа, често возачите сообраќајните знаци не ги почитуваат, се вози брзо, кажа Ацевски.
Македонија пат има свои работници кои ги одржуваат патиштата, но во овој случај со Штип, таа обврска е на ЈП за Државни патишта, која ангажирала фирма од Велес.
Сообраќајката се случи во понеделникот по 7 часот, кога возило Сеат удри во работникот и потоа се преврте во каналот покрај патот. Со полесни повреди заврши и возачот на Сеатот.
В.К.