ЕБУ за влакно го избегна „евровизискиот скандал на сите времиња“ бидејќи наводно шест земји требало да се повлечат од големото финале 25 минути пред почетокот на шоуто, пренесува норвешкиот портал VG, а пренесува најпознатиот евровизиски портал wiwibloggs.
ЕБУ наводно избегна хаос во последните моменти пред финалето благодарение на кризните преговори. VG пишува дека шест земји сакале да се повлечат од овогодинешниот избор за песна на Евровизија, а тоа се: Швајцарија, Норвешка, Грција, Португалија, Ирска и Обединетото Кралство. Ова би резултирало со големо финале на 19 земји.
Некои конкуренти го потврдија извештајот на VG. Магнус Бормарк, гитаристот на норвешкиот бенд Гåте, потврди дека не присуствувал на пробата за парада на знамето на денот на финалето поради итен состанок со ЕБУ. На таа проба недостасуваа и претставничката на Грција, Марија Сати, ирската претставничка Бамби Туг и Швајцарецот Немо.
„До последната секунда дебатиравме дали треба да се повлечеме. Многумина од нас реагираа на тоа што Израел доби можност да ја користи Евровизија како политички инструмент“, рече тој.
Магнус додава: „Нашата заедничка точка беше тоа што не сакавме да учествуваме на Евровизија за да биде искористена како дел од израелската воена пропаганда“.
„Се чинеше дека има еден збир на правила за Израел и друг за сите други“, рече Магнус. „Нешто не е во ред кога го доживувате тоа. Уметниците не треба да имаат кризен состанок со ЕБУ“, вели тој.
Шведскиот весник „Афтонбладет“ објави дека „целиот последен ден станал еден долг кризен состанок“ за ЕБУ и домаќинот радиодифузер СВТ. Нејасно е за што било преговарано и зошто шесте земји на крајот сметале дека учеството е прифатливо.
Меѓутоа, Швајцарија и Грција ги негираат овие натписи. Зборувајќи за веб-страницата Eurovisionfun, грчката телевизија ЕРТ рече: „Никогаш не сме разговарале или размислувавме да се повлечеме од натпреварот поради која било причина. Наводите се неточни барем што се однесува до Грција“.
Слично зборува и шефот на швајцарската делегација Ив Шиферле. „Немаше дискусија за повлекување на швајцарската делегација од натпреварувањето“, изјави тој за Блик. Поради неговата изјава, се смета дека притисокот за повлекување го вршеле уметниците, а не делегациите. Кога Шпигел го праша Немо за повлекување од финалето, тој одговори: „Мислам дека нема смисла да се зборува за тоа во овој момент“, пренесува индекс.хр.