Не мислам дека надвор некој толку сериозно се занимава со проблемот околу употребата на Мкедонското име како што тоа се прави внатре во државата, мислам дека сеуште си патиме од она старото, да пазиме да не биде полошо, рече во денешното гостување на емисијата Стадион на Канал 77, Игор Александров од македонската дијаспора во Австралија.
- Грците може да преземат соодветни мерки затоа што нема кој да врати одговор. Апсурд е што може да се дискутира за самоидентификација во држава која тврди дека сака да биде слободна и демократска и да биде дел од ЕУ. Државата да ти дефинира, како смее или не смее народот да се нарекува себе си, е нешто што можам да си го замислам само за некоја тоталитарна, автократска држава, вели Александров.
Истакнува дека многу подлабок и посуштински е проблемот кој Грција го има со нашето име и од каде потекнува сето тоа, уште од моментот на дефинирање на македонскиот народ и периодот на неговото настанување.
- Треба да гледаме која е суштината на спорот. Идентитетот на народот е суштината на проблемот и суштината на проблемот е иста и со Бугарија и со Грција. Многу е јасно дека проблемот е во тоа што Бугарија и Грција окупираат делови од Македонија уште во текот на Балканските војни и своите современи нации си ги создабале со идеја во нив да се инкорпорира и Македонија, си земале елементи од македонската историја, и сега тие се плашат дека со постоењето на вистинска самостојна Македонија со македонски народ како уставотворен и домороден народ, сето тоа ќе се распадне, посочува Александров, додавајќи дека не е тоа нешто што ние треба да го прифатиме како наш легитимен проблем во меѓународна политика.
Дециден е дека никако не смее да се заборави оваа држава кој ја правел и зошто ја правел и дека Македонија и македонскиот народ не постојат од после АСНОМ, туку со векови наназад.
Игор Александров од македонската дијаспора во Австралија, прв гостин во најновото издание на емисијата Стадион. Повеќе следете на линкот подолу: