По веста објавена од Иранската државна телевизија дека хеликоптерот, со кој патувал претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, имал „тврдо слетување“ на терен се упатени 16 спасувачки тимови и беспилотни летала.
Според новинската агенција Мехр операцијата за пребарување и спасување ќе потрае извесно време поради непроодноста на теренот, планинските и шумските услови, како и неповолните временски услови, особено густата магла.
Иранската државна телевизија, како и државната Иранска новинска агенција (ИРНА) не јавија за состојбата на Раиси по инцидентот. ИРНА на англиски јазик објави дека хеликоптерот се урнал.
Дел од иранските медиуми објавија дека некои од придружниците на претседателот во хеликоптерот успеале да стапат во контакт со централните власти, истакнувајќи надеж дека нема жртви во инцидентот.
Конвојот на претседателот се состоеше од три хеликоптери. Во другите две летала се превезувале други ирански функционери, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан
Раиси патувал во иранската провинција Источен Азербејџан, а инцидентот се случи во близина на градот Џолф, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран.
Инцидентот се случи во шумата Дизмар помеѓу градовите Варзакан и Џолфа во иранската провинција Источен Азербејџан. Раиси се враќаше од Азербејџан, каде присуствуваше на отворање на брана со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев.
Подоцна иранскиот министер за внатрешни работи Ахмад Вахиди изјави дека еден од хеликоптерите од конвојот со кој патуваше претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, „трвдо слета“, а кон местото на инцидентот испратени се спасувачки екипи.
– Хеликоптерот принудно слета поради лошите временски услови. Ќе биде потребно време за спасувачките тимови да стигнат до местото на несреќата. Контактиравме со придружниците на претседателот, но комуникацијата е отежната и немаме точни информации, посочи Вахиди.
Претходно претставник на Иранската Црвена полумесечина, Бабак Махмуди изјави дека се испратени дронови кои ќе помогнат во лоцирање на хеликоптерот.
– Дронови на Црвената полумесечина и спасувачките тимови се распоредени на локацијата. Ние, исто така, истражуваме што се случило. Извештаите укажуваат дека имало несреќа и сите екипи треба да бидат на местото на настанот за да извршат увид, додаде Махмуди.
Во меѓувреме, Иранската државна телевизија почна да емитува молитва за претседателот. Додека иранската новинска агенција Фарс ги повика Иранците да се молат за Раиси.