Нели беше логично по трката со Левица за градоначалничкото место за Град Скопје, Петар Ѓеоргиевски – Камиказа да ја продолжи на неодамнешните избори – беше едно од прашањата во емисијата „Стадион“. Ѓеоргиевски потврди дека направил анкета со цел да види како би поминал на изборите, добил добар резултат но потоа се откажал.
-Јас моето што сакав, да го набркам силеџијата Шилегов, го направив. Како домино после Шилегов, падна и Заев. Така што со еден удар, отидоа два гулаби, рече Ѓеоргиевски.
Тој рече дека нема никаков анимозитет кон СДСМ.
-Само сум против луѓето што продаваат национални интереси. Против луѓето што прават журки од милион евра на плоштад. Тебе ти се текнало дека Дино Мерлин дека ти е битен, попатно ќе се товариш со тоа. Апсолутно се лични определбите и не се поврзани со политичките партии. Моите ставови биле ригорозни и кон едени и кон другите и кон трети, објасни Ѓеоргиевски.
Потоа зборуваше за настаните што воделе кон одлуката да не учествува на овие избори.
-Ќе бев глинен голуб – ќе донесев многу повеќе гласови, но немаше да ефектуира ништо со мене и со тоа да исправам нешто. Глинен голуб по втор пат?! Не! Од неколку пријатели добив понуда да се кандидирам како независен кандидат за пратеник. Направив анкета на 1100 испитаника, што чинеше 1500 евра. Анкетата покажа дека ќе добијам 10.500 гласа – што е сигурен пратеник. Ама веднаш потоа тоа стигна до политичките кулуари кои почнаа: „Дојди ќе те ставиме таму..“, направив симулација за распределба на силите и од кого ќе одвојам гласови и кој ќе изгуби ако јас влезам во Парламентот. По Донтовиот модел ќе изгубеше Левица еден пратеник, ВМРО ДПМНЕ еден и Максо еден, а ќе влезеа двајца Албанци, објасни Ѓеоргиевски.
Со Левица како што вели, нема прекин на комуникација со никој, не е скаран со никого. За поддршката што ја дал на градоначалничката на Грда Скопје, Данела Арсовска, кажа дека единственото нешто што го барал, било место за пејачот на Меморија, Апостол Икономов – Поце, кој во тоа време бил без ангажман, посветен на неговата болна сопруга, која деновиве почина по десетгодишна борба со карцином.
-Нормално, Данела тоа не го исполни, како што не ги исполни и сите тие работи што ги вети во предизборната кампањата. Многу луѓе ми викаат: „Ти ја донесе Данела“. Јас не сум ја донел ниту сум имал сила да ја донесам. Едноставно мислев дека ќе биде подобра од оној против кого јас тргнав да водам битка. Жално е за Град Скопје и Македонија што зборуваме кој од кого е полош. Да зборуваме кој од кого е подобар, одамна имаме заборавено. Како сите овие луѓе што доаѓаат да успеваат да направат скор кој потоа ќе го претворат во комплетно разочарување и гадост, навистина не сум паметен да кажам. Познавам многу луѓе, вклучително и Данела, кои кога сме разговарале тет а тет, биле исклучително нормални луѓе и луѓе со емпатија. Во што потоа се претвораат кога ќе дојдат власт, тоа е чудо!, изјави Петар Ѓеоргиевски – Камиказа во „Стадион“.
Потоа кажа дека имал многу понуди за политички функции, вклучително и за министер за култура во владата на Бранко Црвенковски. Имал и програма, според која ансамблот „Танец“ би бил 200 дена низ цел свет…
„Глобална и внатрешна стратегија за македонската култура, како филм. Но, тие зборуваа за шлепери, ембарга, како да направат пари, како да го зезнат овој – оној. Мојата структура на мозок тоа не го прифаќа и си отидов. Ама тоа е некоја интуиција која ме води низ живот“, вели Ѓеоргиевски.
Целото интервју можете да го погледнете на линкот: