Царински службеници запленија 4,8 килограми златен накит со проценета вредност од 20,4 милиони денари, по контрола на автобус на граничниот премин Богородица при влез во државата.
-Царинските службеници на граничниот премин Богородица селектираа автобус кој сообраќал на линија Истанбул – Гостивар, при што е извршен детален претрес.
Во пределот за багаж е пронајдена црна торба, во која во 9 пакетчиња обвиткани со најлон е откриено злато со тежина од 4,8 килограми. Возачот кој првично изјавил дека нема ништо за пријавување по откривање на златото потврдил дека торбата е негова. Нашите царински службеници се грижат за забрзан транспорт на легална трговија, но истовремено ги штитат приходите на државата спречувајќи шверц и криминал. Во случајот е спречено избегнување плаќање увозни давачки во износ од 5 милиони денари, информираат од Царина.
Случајот е преземен од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги при што против возачот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија. Златото согласно закон ќе биде предадено во Народна банка.