Украинската армија објави дека мора да се повлече од одредени области на северниот фронт, во областа Харков, каде Русија на 10 мај започна нова офанзива.
Во соопштението на украинскиот Генералштаб објавено синоќа, се наведува дека армијата ги променила позициите во областите кај Лукјанц и Вовчанск.
„Како одговор на непријателскиот оган и пешадискиот напад, нашите единици се префрлија на поповолни позиции со цел да ги спасат животите на нашите војници и да избегнат жртви“, соопшти Генералштабот на социјалните мрежи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја откажува очекуваната посета на Мадрид в петок, објавија шпанските медиуми, а информацијата е потврдена и од шпанската кралска палата.
Палатата денеска ја ажурираше кралската агенда, отстранувајќи ја средбата в петок меѓу шпанскиот крал Фелипе Шести и Зеленски.
Шпанскиот печат објави дека украинскиот лидер ја донел одлуката откако Русија започна нова офанзива во североисточна Украина. МИА