Телевизијата Алсат е рекордер по заработка од платеното политичко рекламирање од првиот круг на Претседателски избори со 22 милиони денари или околу 358.000 евра. Следат Сител со 333.340 евра и Канал 5 со 302.440 евра. На база на пријавените извештаи, Канал 77 пресмета дека трите телевизии заедно заработиле 993.503 евра, што е речиси половината од заработката на 37 телевизии и 27 радија, кои во АВМУ пријавиле дека имале платено политичко рекламирање.
За овие 64 радиодифузери главно од државниот буџет треба да бидат исплатени над 2,1 милион евра за емитувани реклами во текот на првиот круг на Претседателски избори. За целосна слика на изборите ќе почекаме, бидејќи имавме двојни избори и уште еден круг Претседателски.
Сите радија заработиле колку една телевизија
Сите радија заедно – 27 вкупно, каде влегуваат национални, регионални и локални заработиле помалку од ТВ 21, која на своето конто само од првиот круг ќе има 244.000 евра. Радијата вкупно пријавиле над 13 милиони денари или 213.409 евра. Најмногу реклами емитувало националното радио ЈОН, кое емитува програма на албански јазик – 2,2 милиони денари или колку сите локални радија кои склучиле договори со учесниците во изборната кампања.
Што се однесува до кандидатите, на телевизиите прва по број на емитувани секунди е Гордана Сиљановска Давкова што чинат 29,5 милиони денари, следи Стево Пендаровски со 27,4 милиони, потоа Бујар Османи со 23,9 милиони, Арбен Таравари со 17 милиони и останатите тројца се со помали износи – Стевчо Јакимовски со над 5 милиони денари, Билјана Ванковска со 3,9 милиони и Максим Димитриевски со 3,3 милиони.
Силјановска на радио, Пендаровски на ТВ
На радијата убедливо најприсутни биле рекламите на Гордана Сиљановска Давкова за чие претставување државата ќе изводи 6,9 милиони денари од државниот буџет. Стево Пендаровски е со 2,9 милиони, следат Арбен Таравари со 1,9 милиони, Бујар Османи со 1,1 милион, Максим Димитриевски со над 800.000 денари, Билјана Ванковска со нешто над половина милион денари, додека Стевчо Јакимовски не водел кампања на радио со платено политичко рекламирање.
Надлежната Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги АВМУ, каде пристигнуваат извештаите од радиодифузерите, пресметала дека во првиот круг на Претседателски избори вкупното платено политичко рекламирање на радиодифузерите изнесуваше 567 часа 21 минута и 39 секунди.
„Од него, за Стево Пендаровски – 165 часа 2 минути и 36 секунди; Гордана Сиљановска Давкова – 154 часа 45 минути и 37 секунди; Бујар Османи – 106 часа 57 минути и 28 секунди; Арбен Таравари – 92 часа 55 минути и 31 секунда; Максим Димитриевски – 20 часа 6 минути и 6 секунди; Билјана Ванковска Цветковска – 17 часа 44 минути и 15 секунди; и за Стевчо Јакимовски – 9 часа 50 минути и 6 секунди. Од 9-те национални телевизии што склучија договори за емитување ППР, најмногу рекламно време имаа Алсат-М (38 часа, 43 минути и 21 секунда), Канал 5 (30 часа, 48 минути и 8 секунди) и Компани 21-М (28 часа, 2 минути и 24 секунди), додека од 4-те национални радија кои склучија договори за емитување ППР, најмногу рекламно време остварија Антена 5 (16 часа, 2 минути и 32 секунди) и Јон радио (12 часа, 49 минути и 18 секунди)“, пишува АВМУ.
Треба да се појасни дека цената на секунда е различна од медиум до медиум.
Овие пресметки се однесуваат само на телевизиите и радијата, додека деновиве, откако ќе пристигнат, ќе ги видиме и заработките на порталите, кои имаат лимитиран износ до 15.000 евра од учесник во кампања. Медиумите имаат обврска да ги доставуваат до неколку институции.
Средствата за платеното политичко рекламирање се обезбедени од Буџетот на РСМ. За двојните избори се очекува да бидат потрошени околу 10 милиони евра.
В.К/В.Г.
фото: Вангел Тануровски