Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата Само интервју на Канал 5 по вчерашните претседателски и парламентарни избори и убедливата двојна победа на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека резултатот е историски, но и обврзувачки за новата влада на ВМРО-ДПМНЕ за реформирање и исполнување на ветените проекти.
Истовремено очекувам до 28 мај да консолидирам како претседател на партијата 61 пратеник. Вие споменавте 58 пратеници или нешто повеќе од 436.000 гласови нешто што досега е не запаметено на толкава излезеност и на толкав процент на освоени гласови од позиција на опозиција. И ценам дека овој историски резултат можеби многу тешко понатаму би се повторил, рече тој.
На прашањето дали Изет Меџити ќе биде новиот коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски истакна дека со освојување на 107.000 гласа, коалицијата ВРЕДИ го потврдила својот кредибилитет за да бидат кредибилен партнер на идната влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија.
Со резултатот кој што го направија од ВРЕДИ со 107.000 гласа ценам дека тие го потврдија својот кредибилитет и тие можат да бидат кредибилен партнер во идната влада која што ќе ја предводи коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ и јас како мандатар, потенцираше Мицкоски.