Македонија ја доби првата жена претседател. На седмите претседателски избори професорката Гордана Силјановска Давкова го победи опонентот Стево Пендаровски, кој пак, ја порази во 2019-та година.
Партијата која застана зад нејзината кандидатура, ВМРО-ДПМНЕ вчеравечер славеше двојна победа, откако според резултатите од гласањето на парламентарните избори освои 59 пратенички места. Победата на Силјановска Давкова беше извесна ако се земат предвид резултатите од првиот круг кога таа освои 182.586 гласа повеќе од кандидатот на СДСМ.
Крајниот исход од парламентарните избори исто така не беше изненадување, откако социјалдемократите кои ја предводеа Владата од 2016-та година, ветуваа владеење на правото, а сепак не успеаја да ја симнат корупцијата од врвот на листата на проблеми во македонското општество.
Членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ почнаа да ги слават изборните резултати на очиглед на целата јавност веднаш по завршување на гласањето. Нешто по 19 часот на видео бим пред партиската „бела палата“ во центарот на Скопје беше прикажана снимка од митинг на која актерот Зоран Љутков ја чита „Тешкото“ од Блаже Конески.
Како што се обработуваа сѐ поголем број од гласовите, така се забележуваше сѐ поголем метеж во и пред штабот. Партиските членови почнаа со честитки за двојната изборна победа кратко по завршувањето на гласањето. Додека внатре се извикуваше името на партијата и се пееше „Бисер балкански“, надвор веќе се слушаа тапаните. Како што беше пракса и на дел од претходните изборни циклуси, така и овој пат партиските членови меѓу другото, славеа со факели и го вееја македонското знаме.
Околу 22 часот конечно во прес центарот се појави Силјановска Давкова која говорот го почна признавајќи дека се прашува со што ја заслужила таквата чест. Таа им честиташе на граѓаните бидејќи како што рече, покажале граѓанска отпорност на притисоците. Порача дека во политиката не можете да се однесувате со емоции, туку рационално и исто како во говорот што го одржа по првиот круг, така и овој пат не изостана споменувањето на жените.
„Држете ме за збор, кога ќе се опкружам со жени слични на мене, жени по моделот на Вацлав Хавел – свои, стамени, субверзивни, кои можат да искажат став и да го бранат, тоа е голем исчекор и тоа е за мене реформски чекор. Реформски чекор исто така затоа што многу партии, меѓу кои и новопојавени, навистина политички настапија. Мислам на логиката опозиција да поддржи опозиција оти оној кој е на власт, се разбира е полтичика мета на останатите. Не повиквуваа на бојкот, не сатанизираа, туку оставија простор за преговори и договори“, изјави Силјановска Давкова.
Веселба на плоштадот „Македонија“, но и на плоштадите во внатрешноста
Во меѓувреме веќе почнаа најавите дека славењето ќе продолжи на плоштадот Македонија, додека паралелно се организираше славење и на плоштадите во градовите од внатрешноста.
По околу еден час, членовите и поддржувачите на партијата го пречекаа нивниот лидер Мицкоски скандирајќи го неговото име додека тој се подготвуваше за прес конференцијата, а откако заврши со говорот ги замоли присутните да бидат потивки за да може новинарите да му постават прашања.
Меѓу другото, тој порача дека народот испишал историја и со гласачко ливче го победил криминалот.
„Народот покажа дека ничија свеќа не гори до зори и порано или подоцна следува одговорност. Да го запомниме тоа, затоа што од судот на народот никој не избегал, како и од судот на Бога. Велат кога се качуваш по скалите, никогаш не ги заборавај луѓето што ќе ги сретнеш патем. Не ги заборавајте овие луѓе, оставете бел образ, бидете одговорни и бидете чесни. Ќе се соочите со судот на народот пак. Паметните учат од туѓите грешки, немој ни на крај памет да ви падне да го потцените мудриот народ“, нагласи Мицкоски.
По неговото обраќање толпата луѓе брзо се расчисти, а да се излезе од штабот беше речиси невозможно. Веќе пристигнуваа луѓе и од други градови кои сепак одлучиле да слават во центарот на главните збиднувања.
Ваквата атмосфера за кратко се пресели на плоштадот „Македонија“ каде и партиските членови и медиумските екипи беа пречекани со песна од дуото ДНК и Наум Петрески. Во напливот на луѓе, но и емоции, Силјановска Давкова едвај се воздржуваше да не заплаче додека во позадина се слушаше изведбата на „Заветна“ од страна на Андријана Јаневска.
Раздвиженоста низ скопските улици продолжи и по полноќ, кога дел од граѓаните славеа со автомобили.
Ковачевски му честиташе на политичкиот противник
На „Бихачка“ пак, исклучително тивко. Слична атмосфера имаше и во хотелот Александар Палас каде беше сместен прес центарот на досегашниот шеф на државата, Пендаровски.
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски најави дека партијата во јуни ќе треба да избере нов претседател, но и ново раководство. Брзите внатрепартиски избори доаѓаат по изборното фијаско кое резултираше со оставки на потпретседателите Фатмир Битиќи и Перо Костадинов.
Обраќајќи се на прес конференција од говорницата во партискиот штаб во друштво на едни од поистакнатите функционери, Ковачевски оцени дека резултатите се разочарувачки.
„Детално ќе анализираме и ќе го бараме изворот и причините за овој поразителен исход. Јас и раководството имаме одговорност, а СДСМ треба добро да размисли што направивме во последните четири, па и седум години, што е тоа што треба да направиме да ја вратиме довербата“, рече Ковачевски честитајќи му за двојната победа на својот политички конкурент:
„Честитам на изборот на сите 120 пратеници во македонското Собрание и посакувам да имаат успешен мандат во интерес на македонските граѓани и ЕУ иднина на државата. Го честитам изборот на Гордана Силјановска Давкова за претседател и се надевам и посакувам дека функцијата ќе ја извршува во согласнот со дадените уставни овластувања и евро атланската посветеност и обврски на државата“, додаде Ковачевски.
Честитка пристигна и од Пендаровски кој се тркаше за втор мандат, но тој воопшто не ги спомена имињата на победниците.
„Резултатите се јасни и немам намера подетално да ги образложувам, сакам да им честитам на победниците и да им посакам успешна работа во следните четири, односно пет години. Мојот коцепт за мултиетничка Македонија целосно интегрирана во евро-атлантските структури за жал не доби поддршка и сум длабоко уверен дека само таква Македонија може да биде успешна“, потенцираше тој.
Бројни честитки од странски политичари
На „адреса“ на Мицкоски и Силјановска Давкова денеска беа упатени честитки од повеќе политички лидери, кои очекуваат идна заедничка соработка.
Амбасадорката на САД, Анџела Агелер во својата честитка напоменува дека САД и натаму ќе продолжат да ја поддржуваат земјата.
„Моите срдечни честитки до Гордана Силјановска-Давкова за нејзиниот историски избор за прва жена претседател на Северна Македонија. Честитки и за сите оние граѓани кои вчера го искористија своето избирачко право на претседателски и парламентарни избори. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги поддржуваат целите за просперитет и целосна евроатланска интеграција на оваа земја“, стои во нејзината порака.
Меѓу оние кои упатија честитки се и еврокомесарот Оливер Вархеји, евроамбасадорот Дејвид Гир, српскиот претседател Александар Вучиќ. унгарскиот премиер Виктор Орбан, неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ и уште неколкумина други.
Двојните избори кај нас се една од главните теми во денешните објави на медиумите од регионот кои при тоа, потсетуваат дека како опозиција ВМРО-ДПМНЕ беше силно против договорите со Грција и Бугарија.
Инаку, седницата за инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова ќе биде закажана откако претседателот на Собранието, Јован Митрески ќе го добие извештајот од ДИК за конечните резултати од претседателски избори. Крајниот рок до кога ДИК треба да го достави извештајот е до петок во 19 часот. Откако ќе го добие извештајот, Митрески ќе ја закаже инаугуративната седница, која ќе се одржи во недела на 12 мај во 12 часот.
Силјановска Давкова пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по што и официјално ќе почне да тече нејзиниот мандат, а ќе истече мандатот на актуелниот претседател Пендаровски.
По нејзината инаугурација, новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај.
Вања Мицевска