Денес се одбележува Велигден, најголемиот празник за сите верници од православна вероисповед. Сепак, често се полемизира околу тоа колку јајца е најздраво да изедеме за време на празникот и дали смееме да изедеме повеќе од две. Нутриционистката, Бранка Мирковиќ вели дека протеинот од белката е многу сличен на човечките протеини, додека жолчката е неправедно осудена за покачување на холестеролот.
„Интересен е феноменот на предупредување од светските нутриционисти. Никогаш не сте чуле или прочитале колку треба да јадете и дали воопшто да јадете брза и нездрава храна, но за лошото влијание на јајцата се напишани неосновани и недокажани невистини“, вели Мирковиќ за порталот Информер.
„Од јајцето се создава живот, што значи дека содржи сѐ што е неопходно, во традицијата претставува раѓање и воскреснување, па дали е навистина толку лошо? Секогаш се прашувате зошто? Па на јајцата не се заработува многу, тие се здрави, а бргу заситуваат. Две јајцасе замена за дневната просечна количина на месо. Јајцата можете лесно да ги набавите, да ги приготвите и најважно – може да го заменат кој било оброк во текот на денот. Тие може да се комбинираат со солена храна, а се ставаат и во колачи. Сепак, не се препорачува да се комбинираат со риба“, објаснува оваа нутриционистка.
Јајцата може да ги јадете на различни начини, но важно е да ја знаете својата количина во текот на денот – вели Бранка.
Според неа, јајцата може да се јадат секојдневно, најмалку 4 неделно. Тие се важни за растот и развојот на децата, а им даваат енергија и на возрасните.
Кој колку јајца смее да јаде?
Децата до претшколска возраст од едно до две јајца
Децата од прво до четврто одделение максимум две јајца дневно, а постарите до три јајца дневно
Девојките смеат да јадат по три, а момчињата по четири јајца дневно
Возрасните од две до три дневно
Повозрасните лица најмалку две јајца неделно
Бојадисаните велигденски јајца најдобро е да се чуваат во фрижидер, а само кратко време надвор од него. „Пукнатите“ јајца треба да се издвојат од другите и прво нив да ги искористите во рок од максимум четири дена, а целите јајца во фрижидер може да стојат до седум дена. Сварените јајца може да ги искористите и во салата, во комбинација со рукола, млад кромид и слично.
Јајцата се здрави и тие може да го заменат месото. Важно е само да не претерувате во количината, што важи и за која било друга намирница – порачува Мирковиќ.
Извор: informer.rs