Најголемиот број од новинарите во државава го одбележуваат Светскиот ден на медиумите – 3 Мај со плати под просечната, а алармираат и за небезбедни услови за работа, како и дека се предмет на заплашување и насилство. Тие укажувања беа изнесени денеска од новинарските организации и синдикати на крводарителската акција што по повод Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 мај се одржува во четири градови низ државата.
Претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Павле Беловски истакна дека новинарите се соочуваат со многу проблеми, но дека со сплотеност и храброст може да се надминат.
– Го одбележуваме 3 мај Светскиот ден на слободата на медиумите, меѓутоа секогаш кога зборуваме за слободата се присетуваме на овој ден што јас неволно сакам да констатирам дека е премалку во еден ден да се собереме и пожалиме. Затоа денеска оттука треба да испратиме неколку пораки, а тоа е поврзувано со слободата на медиумите, слободата на изразување и правото на слобода на говор. Кога зборуваме за слободата на говор да не заборавиме дека слободата на медиумите се темели на здраво работно место и слобода на изразување. Оттука треба да си го поставиме прашањето дали ние работиме во такви услови? За да одговориме на ова прашање треба да констатираме дека 70 проценти од вработените или над 2 000 медиумски работници се со плати под просекот во државата и ист толкав број сакаат да ја напуштат оваа професија. Воедно над 100 наши колеги го загубиле животот во светот, затоа треба да се солидаризираме и денеска со оваа крводарителска акција да покажеме дека се грижиме за демократијата и преку нашата работа градиме подобри општества, порача Беловски.
Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинари на Макеоднија (ЗНМ) порача дека новинарите се уште работат во небезбедни услови и се предмет на заплашување и насилство.
-Трети мај служи како потсетник за ризиците со кои се соочуваат новинарите во потрагата по вистината во име на граѓаните. Слободата на медиумите е многу често поврзана со правото на пристап на информации, а овој ден се залага за слободата на информациите како основно човеково право клучно за информирано општество и за носење одлуки за функционирањето на една демократија. Мали чекори во подобрувањето не се секогаш доволни и може да се направи многу повеќе посебно во период како изборниот во кој се наоѓа нашата земја, рече Секуловски.
Од Црвен крст посочија дека крводарителската акција е најдобар начин за истакнување на хуманата димензија на новинарската професија. Оценија дека бројот на новинари кои го загубиле својот живот на работното место говори за тоа колку новинарите се изложени на ризик.
Акцијата ќе се одвива координирано во Скопје, Битола, Струмица и Штип во терминот од 08 до 14 часот.