Во завршна фаза е фонтаната во спомен на Сашко Гешовски, прва жртва при распадот на Југославија, информираа денеска од кавадаречката локална самоуправа.
Се гради на кружниот тек, кој го доби неговото име.
– Идејното решение се состои од централна кружна фонтана со висок млаз вода и две полукружни фонтани, што се изработени од темен материјал, што ја обиколуваат централната фонтана, материјалите се модерни, лесни за одржување и долготрајни. Изведувач на проектот е ОЈА ДООЕЛ, а финансиската конструкција е во висина од 2 700 000,00 денари, соопштија од Општината.
Гешовски е првата жртва што Македонија ја даде при распадот на поранешна Југославија, загинувајќи во Сплит 1991 година на 20 годишна возраст, како војник.
Активностите се дел од програмата на Општината за одбележување на значајни настани и истакнати личности. Весела Честоева, претседател на Одборот за спроведување на постапка за подигање на спомен обележјето, во изјава за МИА, потсети дека претходно, беше избран идеен проект на фонтани, на кружниот тек кај новата автобуска станица во Кавадарци. Станува збор за најстариот кружен тек во градот.
Честоева, инаку директор на Винскиот музеј, појасни дека се бараше идејниот проект да биде со симболика за животот на Сашко Гешовски, неговата младост. Идејното решение естетски да го збогати кружниот тек, а да не влијае врз сообраќајното решение.
Таа информираше дека креативноста, иновативноста и оригиналноста, усогласеноста со општиот амбиент, функционалноста и економичноста за реализација, беа критериуми при изборот на најдобро решение.
Обележјето се поставува на зелена површина, во околината се предвидени да се посадат цвеќиња во шарени бои, симбол на радоста и среќата, како и нискожбунести дрва што рефлектираат чистота.
На пониската страна од полукружната фонтана ќе биде испишана мислата ,,Хероите живеат вечно. Храброста и лојалноста остануваат засекогаш врежани во меморијата на една нација”. На повисоката страна, со бронзени букви ќе бидат испишани датумите на раѓањето и загинувањето на Гешовски.
Честоева нагласи дека со ова, Кавадарци потврдува дека не ги заборава и ги почитува луѓето што потекнуваат од овој град, а се значајни не само за кавадаречката, туку и за македонската и пошироката јавност.