Дали веќе одлучивте со која техника годинава ќе ги бојадисате велигденските јајца? Доколку не, време е да се обидете со една нова и интересна техника, со која јајцата ќе добијат интересни шари со помош на боја за колачи и масло.
Иако многумина го користат само за премачкување на јајцата по бојадисувањето со цел да добијат убав сјај, верувале или не – маслото дава неверојатно убави мермерни шари на велигденските јајца.
Освен малку масло, ќе ви бидат потребни и течни бои за колачи, вода, малку оцет, неколку садови, како и претходно сварени јајца. Најдобро е да користите јајца со бела лушпа.
Во еден сад ставете шолја топла вода. Додадете една лажичка оцет и 5 до 10 капки од саканата боја за колачи. Спуштете ги јајцата во бојата и држете ги околу една минута. Тоа ќе биде базна боја на јајето. Не држете подолго од една минута бидејќи базната боја треба да биде посветла. Оваа постапка повторете ја со сите јајца па оставете ги да се исушат на хартија.
Понатаму – направете ја мешавината со маслото. Во сад сипете шолја топла вода, додадете 20 капки од саканата боја (оваа боја треба да биде појака од базната) и една лажичка масло. Спуштете ги јајцата во бојата.
Останува само нежно да ги избришете јајцата со хартија за да го отстраните вишокот вода, и тоа е тоа – вашите прекрасни мермерни јајца се готови!