Во кругот на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје ќе биде изграден првиот Парк на пчелата во земјава. Овој парк ќе биде од едукативно-информативен карактер каде студентите, учениците и јавноста ќе имаат можност да се запознаат со значењето, биологијата, технологијата на одгледување, медоносните растенија и производите на медоносните пчели.
Воедно паркот ќе претставува и еден вид отворна училница за одржување на дел од наставата на отворено, а во рамките на истиот ќе има аудио и визуелни елементи.
Иницијативата и финансиската поддршка доаѓа од АДРА Македонија, а стручната поддршка од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје во чии рамки функционира лабораторијата за биологија и селекција на медоносните пчели.
-Деканот проф. д-р Танасковиќ и г-дин Антиќ потпишаа Меморандум за соработка со што и формално почнуваат подготвителните активности за изградбата на Паркот на пчелата. На состанокот присуствуваа и продеканот за наука, соработка со стопанството и развој, проф. д-р Маркоски и раководителот на Лабораторијата за биологија и селекција на медоносните пчели, проф. д-р Узунов, информираат од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.
Хуманитарната и развојна организација АДРА Македонија од 2020 до 2025 година вложува 420,000 евра во развој на пчеларството во Северна Македонија.