Новинарката, Вања Мицевска денеска доби пофалница од Советот за етика во медиумите за трите анализи посветени на нереализираните ветувања на скопската градоначалничка, Данела Арсовска од областа на животната средина.
Пофалницата е доделена во рамките на повикот за најдобри новинарски стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“.
Преку трите стории кои авторски ги потпишува Мицевска, а кои се објавени на Македонски медиа сервис, се анализаат нереализираните ветувања кои беа дел од таканаречениот Нов зелен план, во рамките на изборната програма на Арсовска. Сториите кои содржат ставови од научната фела, граѓански активисти и дел од советниците во Град Скопје укажуваат на важноста на решавањето на прашањата од животната средина, кои се во директна корелација со здравјето на граѓаните.
Објавените стории меѓу другото, говорат и за „трендот“ на нетранспарентност на Арсовска и нејзиниот тим за односи со јавноста, откако прашањата на ММС останаа неодговорени.
Со одбивањето на каква било комуникација со медиумите воопшто, градските власти и понатаму им го кратат правото на граѓаните на информации од јавен интерес, иако отчетноста исто така беше дел од ветувањата на Арсовска во предизборието.
Инаку, првата награда во рамките на повикот на СЕММ ја добија новинарите Сузана Мицева и Александар Методијев за документарно-истражувачкиот филм „Кревките шуми“. Наградена беше и новинарката Викторија Димитрова Јованова за сторијата „Штипските пожарникари имаат над 70 интервенции по завршување на жетвата“ објавена на МИА.
Пофалница доби и новинарот Мартин Пушевски.
Сториите на Мицевска, може да ги прочитате на следните линкови: