Носителката на листата за пратеници на Изборна единица 4 од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јованка Тренчевска денес им се обрати на пензионерите во Општина Струмица и ја објасни изборната програма на која според неа столб е грижата за пензионерите.
„Да се потсетиме на се она што го имаме направено за вас пензионерите и да ве информираме за се она кое се обврзуваме како партија во наредниот период. Како помлади генерации сме обврзани да ви обезбедиме спокојни пензионерски денови, затоа во изминатиот период ја донесовме методологијата со која гарантираме постојан раст на пензиите. Пред нашиот мандат најниската пензија која изнесуваше околу 8000 денари, денес е покачена на скоро 14.000 денари“ изјави Тренчевска.
Таа посочи дека покрај континуираното покачување на пензиите продолжува да се исплаќа и финансиската поддршка која е директно на терет на буџетот на Министерството за труд и социјална политика и дека истата не ја загрозува исплата на пензиите.
„Најголем дел од вас се сеќаваат дека ги добивавте пензиите во 6 групи на пензионери, затоа што системот на пензиско и инвалидско осигурување на бил стабилен. Денес сите вие секој први во месецот пензиите ги имате на вашите сметки, системот е стабилен и гарантира долгорочна сигурност“ истакна Тренчевска.
Таа рече дека никогаш повеќе нема да дозволи фондот да биде нестабилен, затоа што сите предвидени мерки и политики кои се предвидуваат не се на терет на фондот, туку ќе бидат на централниот буџет.
„Се обврзуваме на минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. Воведуваме новогодишен пакет за секој пензионер во висина од 6000 денари како, картичка за пензионерите со попуст од 30% на прехранбени производи како и изградба на најмалку 12 нови домови за стари лица“ рече Тренчевска.