СДСМ и Коалицијата се единствена опција за европска иднина на државата, наспроти ВМРО – ДПМНЕ кои немаат ниту план, ниту визија, ниту одлучност, ниту волја да го направат тоа, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на предизборниот митинг во Демир Капија.
– Нашите идеи се прогресивни, со јасна визија за европска иднина на државата за што имаме голема поддршка од нашите пријатели од ЕУ. Гарантираме просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра, истакна Ковачевски.
Тој нагласи дека минималната плата е зголемена за три пати во однос на 2016 година, просечната плата е зголемена двојно во однос на 2016 година, но сега, додаде, доаѓаат подобри времиња.
– Гарантирана плата за младите и грантови за отпочнување нов бизнис, затоа што сакаме младите да си ја градат својата иднина дома. Гарантираме подобри услови и плати за здравствените работници и целосно бесплатно јавно здравство. Ветуваме подобар и поправеден систем за сите, бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и конечно со спроведување на процесот на ветинг на судиите и јавните обвинители. Ова е нашата визија и нашата програма за граѓаните и државата, рече Ковачевски.