Длабоки базени со вода ги поплавија улиците на Дубаи полни со луксузни возила, кои бесцелно лебдеа откако нивните возачи се обидоа да ѝ побегнат на поплавата и силниот дожд. Автомобили и луѓе заробени по поплавените улици на Дубаи, чекајќи помош од пожарникарите, кои пак за првпат употребија чамци на сообраќајниците во својата спасувачка мисија. Најхрабрите возачи се качија на покривите од своите возила и чекаа спас под црното небо. Еден од најпрометните аеродроми во светот привремено ја прекина работата бидејќи Обединетите Арапски Емирати ги доживеаја најсилните врнежи од дожд досега. Врнежите предизвикаа откажувања и одложувања на летовите на меѓународниот аеродром во Дубаи , при што патниците беа блокирани со часови и на терминалот. Аеродромот соопшти дека блокадите на патиштата и поплавите спречија многу патници да стигнат до аеродромот за полетување.
Авиокомпанијата „Емирати“ го прекина пријавувањето за сите патници што заминуваат од Дубаи од 8 часот наутро по локално време до полноќ поради како што најави, „оперативни предизвици“ предизвикани од лошите временски услови. „Флај Дубаи“, нискобуџетски превозник во сопственост на владата на Дубаи, ги суспендираше сите летови од центарот на ОАЕ, поради екстремните временски услови.
Националниот центар за метеорологија го потврди највисокото ниво на врнежи во земјата. ОАЕ забележаа над 100 мм дожд, што е рекорд од 75 години откако ОАЕ почнаа да бележат врнежи.
Владата издаде црвено предупредување , затворајќи ги канцелариите, училиштата и банките низ целата земја. Националната управа за вонредни кризи и катастрофи ги предупреди жителите да останат дома и да паркираат возила на покачени места подалеку од областите подложни на поплави. Исто така, ги советуваше луѓето да преземат превентивни мерки за да се избегнат материјални штети од силен дожд и град.
Главниот пат што го поврзува Дубаи со главниот град Абу Даби беше блокиран поради поплави. Метрото и трговскиот центар во Дубаи се поплавени, а автомобилите се гледаат како пливаат по патиштата во многу делови од земјата.
Невремето ги погоди и другите делови на Блискиот Исток, а извештаите се за најмалку 18 загинати во Оман поради поплавите.
Екстремно лошите временски услови се очекува да продолжат во регионот и денеска, соопшти Националниот метеоролошки центар на ОАЕ. Се чини дека сè уште нема знаци за расчистување на последиците, а градските власти ги повикаа жителите да останат дома додека не заврши „вонредната временска состојба“.